WWW е кратенка што ни е позната како ознака за речиси сите веб-локации. Но, акронимот го користи и една компанија со седиште во Осло – World Wide Wind, која има за цел да го револуционизира светот на енергијата на ветерот. Имено, компанијата неодамна претстави иновативен модел на пловечка турбина којашто ја ползува енергијата од ветерот, а првиот прототип е подготвен за тестирање во ветровитиот фјорд Ватс, штом ќе ја добијат дозволата од норвешката влада.
За да ѝ се овозможи целосна ефикасност на турбината сместена на пловечка станица, нејзиниот дизајн е радикално различен од традиционалниот. Прототипот, наречен CRVT (Counter-Rotating Vertical-axis Turbines), е висок 19 метри и содржи не една, туку две серии на трикраки елиси, ориентирани нагоре, кои поставени на вертикалната оска ротираат во обратна насока една од друга.
Јарболот е директно поврзан со генераторот што се наоѓа под вода, во основата на конструкцијата и кој, заедно со баластот, е флексибилно закотвен на морското дно со челични кабли. Целиот објект е замислен да може да се навалува како едрилица, овозможувајќи ѝ на турбината да осцилира и да ротира, следејќи го движењето на брановите.
Метеоролошките студии процениле дека околу 80% од морскиот ветерен потенцијал се наоѓа во области каде водата е премногу длабока за инсталирање на традиционални турбини, поради неможноста тие ефикасно да се прицврстат за морското дно. Оттаму се роди идејата за пловечки ветерни турбини, способни да создаваат електрична енергија на сите места каде што не можат да се инсталираат генератори со цврсти темели закотвени во земја.
Прототипот CRVT има турбина од 30 kW, но компанијата планира во наредните години да експериментира и со поголеми, помоќни модели. Пилот-проектот од 1,2 MW ќе биде тестиран на почетокот од 2025 година, а целта е лансирање на комерцијална турбина од 24 MW пред 2030 година, со крајна цел надминувањена границата од 40 MW.
Според она што го објавија производителите, CRVT треба да ги реши проблемите со кревкоста и ефикасноста што се појавија во претходните модели на ветерни турбини што се инсталираат на море, а биле дизајнирани во блиското минато, од кои некои се сѐ уште во функција. Главни адути на новиот проект се намалената тежина, поедноставениот синџир на снабдување и, пред сѐ, дизајнот којшто има минимално мало влијание околниот екосистем и дивиот свет.
Понатамошна предност би било намалувањето на трошоците за производство на енергијата, што брзо би се постигнало со пуштање во работа на сè поголем број постројки. Бјорн Симонсен, извршен директор на WWW, толку многу верува во проектот што го дефинира како „Тесла момент“ на секторот, односно доаѓање на револуционерна технологија која има потенцијал да ги поттикне и конкурентите да го следат патот што сега го трасира норвешката компанија.