Кина започна со имплементација на, како што тие ја нарекуваат, најнапредната интернет мрежа во светот, што ќе работи неколкупати побрзо од постоечките мрежи. Според кинескиот технолошки производител Huawei, мрежата која ќе може да пренесува податоци со брзина од околу 1,2 терабити или 1200 гигабити во секунда, е доволно брза за пренос на податоци од 150 филмови во една секунда.
Но, овие податоци претставуваат брзини остварливи во теорија, и нема да бидат веднаш достапни за потрошувачите дома. Сепак, побрзата Интернет услуга има огромно влијание врз бизнисот, нуди предности во тргувањето со акции, побрзо ги пренесува информациите и е важна за националната безбедност.
На прес-конференцијата што се одржа минатата недела, Huawei и China Mobile официјално ја лансираа следната генерација на основната кинеска мрежа, во соработка со Универзитетот Џингхуа во Пекинг – мрежата за образование и истражување Cernet, финансирана од кинеската влада. Основната мрежа е инфраструктура која пренесува интернет сообраќај до различни географски локации и може да поддржува пренос на податоци на различни технологии, како што се 5G мрежите и електричните возила.
Новата мрежа опфаќа преку 2000 километри оптички кабли распослани меѓу Пекинг и југот на земјата, се открива во соопштението за печат. Но, засега не се објавени детали за плановите за проширување на оваа инфраструктура низ целата земја.
Како што пишува CNN, мрежата почна да работи летово и е сѐ уште се тестира, а според прогнозите на експертите официјално ќе биде лансирана за приближно две години.
Веста дојде пред средбата на претседателот Бајден со кинескиот претседател Си Џинпинг во Сан Франциско. Џинпинг претходно изјави дека развојот на основната мрежа ќе ѝ даде примат на земјата како „сајбер сила“ и „ќе ја забрза промоцијата на основните интернет технологии“, се вели во соопштението. Меѓутоа, со оглед на тоа што ова не се однесува на брзината на интернетот во домот, туку на интернет инфраструктурата, САД сметаат дека оваа технологија не претставува директна закана за нив, за разлика од конкурентите во областа на вештачката интелигенција, полупроводниците или технологијата на безжичната мрежа.
Ву Џианпинг, професор на Катедрата за компјутерски науки и технологија на Универзитетот Џингхуа, кој го надгледува главниот проект за брз интернет, во изјавата вели дека системот, вклучувајќи ги и софтверскиот и хардверскиот дел, е развиен во Кина, произведен и е независно контролиран. Тој го нарекува и најнапредната мрежа во светот.
Ова не е првпат лансирањето на голем технолошки проект на кинезите да се совпаѓа со официјална посета на Соединетите американски држави. Huawei го лансираше својот долгоочекуван паметен телефон Mate 60 Pro, кој го содржи кинескиот револуционерен чип 5G, кога некои американски дипломати ја посетија земјата кон крајот на летото. Американската влада подоцна соопшти дека истражува како компанијата може да има технологија за производство на таков чип, по големите напори на САД да го ограничи кинескиот пристап до странска технологија за чипови.