Американците имаат изградено, тестирано и анализирано толку многу брани, што нивното Биро за одводнување при Министерството за внатрешни работи има подготвено документ за прелиминарна пресметка на основните димензии на двојно закривени лачни брани – погледнете ги само документите Guide for Preliminary Design of Arch Dams и Engineering and Design, ARCH DAM DESIGN
Тука се работи за статистичко проектирање, бидејќи димензиите се добиени со статистичка анализа на голем број изведени брани, а вредностите добиени со овие прелиминарни пресметки се разликуваат помалку од 10% кај 75% од сите изградени брани од овој тип.
Се разбира, следи детална пресметка со една од методите за јакосна пресметка (во денешно време со методот на конечни елементи, а порано методот на пробни товари), но користењето на моделската сличност дава многу добри почетни резултати. Впрочем, така и се димензионираат големите турбини, врз основа на експериментални испитувања на мали модели и користење на теорија на сличност.
Во случајот на браните има разлика од кањон до кањон, но од основните димензии на кањонот (висина, ширина горе, долу и на 15% од висината) точно се знае колкави се и товарите од притисок на водата, сопствена тежина, температурни влијанија и сеизмички влијанија – токму затоа и предвидувањето има толку тесни отстапувања.
Во табелата подолу се дадени основните димензии на геометријата на браната, вклучувајќи ги дебелините на карактеристичниот пресек во средината од браната, волуменот на бетонот на самата лушпа, темелите и целата брана, масата на бетонот и приближната цена на бетонот, сметајќи со единечна цена од 50 евра/m3 бетон.
Од дозволените напрегања и степените на сигурност добиена е просечната марка на бетонот, C50/60. Значи, се работи за обичен бетон.
Направени се пресметките за две варијанти, за брана висока 192 m на Голем Чебрен и брана висока 130 m, според францускиот предлог во студијата за „Вардарска Долина“. Во табелата стои конструктивната висина, зголемена за 10 m, односно 7m, колку што изнесува претпоставена длабочина на темелите кај големата и малата брана. Ширината исто така е зголемена заради темелите.
Иако поголемата брана е повисока само за 47%, цената на вградениот бетон е повисока за 3,1 пати! Тука треба да се додадат опточниот тунел и разните затворачи, а работната рака не е земена предвид.
Инаку, градежниот дел има најголемо учество во цената. Трите турбини за вкупна моќност од 330 MW би чинеле до 50 милиони евра, трите генератори за вкупна привидна моќност од 330 MVA вкупно до 40 милиони евра, а трансформаторот за 400 MVA околу 3 милиони евра. Системот за управување, разните цевководи и вентили, како и кран во машинската хала би чинеле до 10 милиони евра. Сите цени важат во случај на кинески добавувачи.
Ако цената на бетонот, турбините, генераторите и трансформаторот не надминува 220 милиони евра, тогаш остатокот до 570 милиони евра (најмалку 350 милиони евра) би била цената на работната рака.
Доколку на изградбата работаат 3000 луѓе во тек на 7 години, тоа се 252 000 илјади месечни плати. Ако ги распоредиме споменатите 350 милиони евра, доаѓа дека просечната бруто плата на еден работник би изнесувала околу 1390 евра.
Зошто тие пари не би останале во земјата, наместо да ги изнесат странските компании и странските работници?