Рубрика: Биологија
Глодарите, исто како и луѓето, се способни за ментална навигација
Објавено на 15.11.2023 - 15:30

Затворете ги очите и замислете си како извршувате некоја работа низ градот. Веројатно во главата можете да си го претставите секој свиок што треба да го поминете и секоја побитна градба-маркер крај патот по којшто ќе се движите. Се смета дека оваа способност за мисловна претстава на такви сценарија во нашите умови е клучна за капацитетот на луѓето да планираат однапред. Но, се чини дека таа не е уникатна човечка карактеристика. Како што известуваат од Science, се чини дека и стаорците можат мисловно да се „движат“ низ околината.

Глодарите што биле обучени да навигираат низ виртуелна арена можеле, во замена за награда, да ги активираат истите нервни обрасци што се појавувале додека биле во движење иако стоеле во место. Ова укажува дека глодарите по избор можат да пристапат до менталните мапи на местата што претходно ги посетиле.

Истражувачите сметаат дека менталните мапи на луѓето се кодирани во хипокампусот, мозочен регион вклучен во меморијата. Како што се движиме низ околината, клетките во овој регион се вклучуваат по одредени обрасци во зависност од нашата локација. Кога подоцна повторно се наоѓаме на истите места, или кога размислуваме да ги посетиме, се активираат истите потписи во хипокампусот.

Стаорците, исто така, “впишуваат” просторни информации во хипокампусот, но засега е невозможно да се утврди дали тие имаат сличен капацитет за доброволна ментална навигација поради практичните предизвици да се натера глодарот да размислува за одредено место на знак, вели авторот на студијата Чонгкси Лаи, пост-докторанд од Истражувачкиот кампус Џанелија при Медицинскиот институт Хауард Хјуз. Лаи, Алберт Ли и нивните колеги, нашле начин да го заобиколат овој проблем со развивање на интерфејс мозок-машина којшто ги наградува стаорците за мисловна навигација низ околината.

Најнапред тимот дизајнирал минијатурна виртуелна арена и оваа околина ја прикажувале на екранот поставен околу сферична лента/топка за трчање. Стаорците можеле да се движат низ оваа виртуелна арена употебувајќи ја лентата за трчање, а доколку животните избирале да се пронајдат одредени предмети во арената, добивале слатка награда. Додека стаорците “талкале” низ арената, тимот во текот на цело време ја мерел мозочната активност во хипокампусот кај животните.

Потоа, Лаи и колегите ја исклучилe лентата за трчање за стаорците сè уште да ја гледаат виртуелната арена, но нивното трчање немало никакво влијание. Наместо тоа, тимот го поврзал екранот со читањата на мозочната активност на стаорците што биле правени во реално време. Со репродукција на мозочната активност што ја покажале за време на претходните тренинзи, стаорците можеле да навигираат до локациите за награди користејќи ги само своите мисли. Некои од нив залудно трчале по лентата при процесот, но други останале мирни.

Во друга верзија на опитот, мозочната активност на стаорците била искористена за да се контролира локацијата на кутијата на екранот, наместо движењето на животните во арената. (Истражувачите ова го нарекле “Џедај експеримент”, според телекинетичките моќи што џедаите ги прикажуваат во филмовите од НФ серијалот „Војна на ѕвездите“).

Иако не е јасно што доживува стаорецот додека се движи или колку блиску го имитира она што се случува кај луѓето, тимот демонстрира дека глодарите можат да апстрактно да размислуваат за некоја логација што ја посетиле.

Ова истражување може да помогне да се дознае многу повеќе за функцијата на хипокампусот, но би било интересно да се види дали и други региони од мозокот се вклучени во менталната навигација.

Клучни зборови: