Со цел да се истакне важната улога на науката во општеството и потребата да се вклучи пошироката јавност во дебати за нови научни теми, по иницијатива на УНЕСКО, секој 10 ноември го одбележуваме Светскиот ден на науката за мир и развој. На овој ден се размислува и за важната улога што науката ја има во нашето секојдневие.
Одлуката за настан што ќе ја одбележува вткаеноста на науката во општеството беше една од позитивните одлуки на Светската конференција за наука што во 1999 година се одржа во Будимпешта. По 2 години, во 2001 година, УНЕСКО го прогласи 10 ноември за Светски ден на науката за мир и развој, а настанот за првпат во светски рамки се одбележа во 2002 година. Оттогаш до денес манифестаијата генерираше многу специфични проекти, програми и финансиска поддршка за науката ширум светот. Одбележувањето на денот помогна и во поттикнување на соработка меѓу научниците кои живеат во региони нарушени со конфликт. Таков пример е создавањето на израелско-палестинската научна организација (ИПСО), со посредство на УНЕСКО.
Светскиот ден на науката за мир и развој има за цел и да поттикне граѓаните да се информираат за развојот на науката, а ја нагласува и улогата на научниците во проширувањето на нашето разбирање за нашиот планетарен дом, како и во напорите кон што поодржливо општество.
Оваа година Светскиот ден на науката за мир и развој 2023 се одбележува под мотото “Градење доверба во науката”
Имено, како што нагласуваат од УНЕСКО: “Улогата на науката во обликувањето на нашата колективна иднина може да се исполни само кога верувате во науката. Довербата во науката го поттикнува развојот и примената на решенијата засновани врз докази за повеќеслојните предизвици во нашиот свет. Довербата во науката е комплексно прашање. Тоа влијае на начинот на кој работат научниците и начинот на кој науката се перцепира во општеството. Исто така, зголемувањетп на довербата во науката ги зајакнува одлуките во политиката заснована на науката и поддршката на општеството за нивната примена”.