Рубрика: Медицина
Уште еден начин на којшто пушењето предизвикува рак
Објавено на 09.11.2023 - 10:15

Откажувањето од пушење е еден од најважните избори што може да ги направите за вашето здравје, а една студија објавена минатата недела во Science Advances посочува уште една причина зошто вреди да се обидете да ги оставите цигарите. Имено, пушењето цигари предизвикува опасни мутации во ДНК, мутации што го блокираат производството на протеини кои вообичаено го потиснуваат ракот со ништење на абнормални клетки. Се работи за молекуларен механизам со кој пушењето предизвикува тумори –  прогресивна ерозија на нашата природна одбрана против заболените клетки.

Научниците од Институтот за истражување рак во Онтарио, Канада, го поврзаа пушењето тутун со опасните промени во ДНК наречени стоп-добивка (stop-gain) мутации, кои „му кажуваат“ на телото да престане да произведува одредени протеини пред тие целосно да бидат развиени. Се чини дека ова присилно запирање главно влијае на гените за потиснување на туморот, одговорни за кодирање на протеините кои ја поправаат оштетената ДНК или го потиснуваат растот на клетките од туморот веднаш штом ќе се појават. Кога овие протеини не се произведуваат, абнормалните клетки се размножуваат слободно. Ова му овозможува на ракот полесно да се шири.

Користејќи програми со висока пресметковна моќ, истражувачите анализирале ДНК од 12 000 примероци на туморски клетки земени од 18 видови на рак. Од анализата произлегува дека постои силна врска помеѓу мутациите со стоп-добивка и непогрешливиот отпечаток што пушењето го остава врз генетскиот код. И тоа не е сè! Колку повеќе пушел човекот – толку е поголем бројот на штетни промени акумулирани во ДНК.

Нашата студија јасно покажува како чадот од тутун ги деактивира клучните протеини, кои се основните елементи од кои се составени нашите клетки, но и долгорочното влијание што тоа може да го има врз здравјето“, вели Јири Рејманд, еден од авторите на научниот труд.

За волја на вистината, истражувањето идентификува и други фактори кои можат да ги создадат овие генетски измени (наречени „бесмислени мутации“), кои водат до кодирање на скратени протеини, пократки од нормалното и вообичаено неактивни. Понекогаш овие промени се случуваат природно, другпат како резултат на нерегулирана исхрана или консумирање алкохол. Но, ќе бидат потребни дополнителни студии за детално истражување и на другите фактори на ризик и појаснување на нивниот удел во мутациите. Засега, сигурно е само дека се обезбедени дополнителни докази за штетата што пушењето може да ја нанесе на нашето тело, на многу подлабоко ниво од очекуваното.

Клучни зборови: