На 4 мај 2022 година, лендерот InSight на НАСА забележа рекордно силен потрес на тлото на Марс. Со оглед на тоа што Црвената Планета не поседува тектонски плочи, се сметаше дека се работи за удар од метеорит. Непосредно пред неговата „смрт“ во декември 2022 година, што уследи откако прашината целосно ги покри соларните панели ефективно прекинувајќи го производството на електрична енергија, InSight на НАСА го забележа најсилниот земјотрес што некогаш бил откриен на Црвената планета, т.е. откако сондата слета на Марс токму со цел да ги проучува потресите. Сеизмограмот, протолкуван на Земјата, откри дека потресот бил со јачина од 4,7 степени и дека вибрациите се ширеле низ кората и обвивката приближно шест часа.
Научниците веднаш се зафатиле да го откријат причинителот на овој потрес, па биле изнесени две хипотези: удар од метеорит или активирање на некаков расед/пукнатина во кората на Марс. За време на неговата мисија InSight регистрира неколку земјотреси предизвикани од метеорити – најмалку осум, од кои два создадоа кратери со дијаметар од 150 метри. Имено, поради мошне ретката атмосфера, метеоритите многу почесто ја погодуваат површината на Марс, споредено со нашата планета која има прилично густа атмосфера во која најголем дел од метеоритите, некои и со пречник од десетици метри, целосно согоруваат.
InSight ги сними сеизмичките бранови генерирани и при ударот што го формираше овој кратер во 2021 година. Но, масивниот настан од декември 2022 не можеше да се поврзе со ниту еден кратер.
Група научници предводени од Универзитетот во Оксфорд конечно ја решија мистеријата на големиот потрес. Студијата, која користела податоци и од други мисии на Марс, отфрлила дека причинител на земјотресот е удар на метеорит. Па според тоа, потресот бил предизвикан од феномени што се одигруваат во внатрешноста на Марс. Но со оглед на тоа што Црвената планета речиси сигурно нема активна тектоника, односно нема движење на плочи, се постави прашањето што точно може да предизвика земјотрес од такви размери?
За потребите на ова истражување сите вселенски агенции кои имаат сонда во орбитата на Марс направиле споредба во изгледот на површината на планетата пред и по настанот што го предизвика земјотресот, именуван како S1222a. И на тој начин ЕСА, НАСА, Индиската вселенска агенција и вселенската агенција на Обединетите Арапски Емирати заклучија дека настанот не бил предизвикан од метеорит бидејќи не бил пронајден нов кратер.
Иако дефинитивниот одговор сè уште не е пристигнат, се претпоставува дека настанот е предизвикан од движење на пукнатина во средниот дел од кората на Марс, на длабочина од 18 до 28 километри. Како што објаснува Бенџамин Фернандо од Катедрата за физика при Универзитетот во Оксфорд, инаку еден од авторите на студијата: „Сосема сме сигурни дека Марс денес нема активна тектоника на плочи, така што овој настан веројатно бил предизвикан од ослободување на стрес во кората. Овие стресови се последица на милијарди години еволуција на планетата, а се поврзани и со ладењето и со можното набирање на различни делови што се одвива со различен ритам. Сè уште не е целосно јасно зошто некои региони на Марс се чини дека се под поголем стрес од другите. Но, податоците од овој тип ни помагаат во понатамошното истражување“.