Колкава е јачината на конопот што се консумира денес наспроти оној што се пушел пред неколку децении? Ова, навидум наивно прашање, е извор на речиси сите главоболки за регулаторите кои се занимаваат со одобрување на еден куп производи-деривати од ова растение но и со првите обиди за легализација на т.н. “рекреативно” консумирање марихуана. A одговорот којшто го посочува една интересна статија неодамна објавена во New Scientist баш и нема многу да им се допадне. Имено, канабисот денес е многу помоќен. Неговата психоактивна моќ и онаа на неговите производи, како што е марихуаната, расте, а со тоа се зголемуваат и можните несакани ефекти.
Едно од најобемните истражувања на оваа тема неодамна беше спроведено од страна на Програмата за следење на јачината, проект предводен од Националниот институт за злоупотреба на дроги во САД, при Универзитетот во Мисисипи. Од добиените податоци произлегува дека содржината на THC (делта-9-тетрахидроканабинол) – психотропна супстанција присутна во канабисот, во текот на последните 50 години се зголемила за повеќе од 10 пати. Едно друго истражување од 2020 година, кое вршело проценка на јачината на марихуаната во САД, Велика Британија, Холандија, Франција, Данска и Нов Зеланд, покажало дека во периодот од 1970 до 2017 година, концентрациите на THC во исушените соцветија на растенијата канабис се зголемувале за 0,29% по година.
Една од причините за оваа промена е таа што, благодарение на софистицираните техники за селективно одгледување, со текот на годините се добиваат сè помоќни сорти од растението канабис. Овие верзии со висока THC вредност се сè попопуларни. Сортата Cannabis sinsemilla – неоплодно и безсемено, женско канабисно растение, на пример, може да содржи до двојно повеќе смоли богати со THC во своите соцвети. Во 1993 година овој вид марихуана сочинувал помалку од 4% од примероците на канабис анализирани од Програмата за следење на јачината, но во 2008 година речиси половина од примероците биле од сортата синсемила, иако во меѓувреме примероците достапни за научна анализа се зголемиле за сто пати.
Друг фактор што треба да се земе предвид е и промената на начинот на кој го консумираме канабисот. Иако пушењето исушени пупки сѐ уште останува најпопуларен пристап, производите за јадење, екстрактите, па дури и инахалација, се сè попопуларни и полесни за пристап, и поверојатно е дека имаат високо концентрирани нивоа на THC. Повисоките нивоа на THC се поврзани со почести и непријатни несакани ефекти како гадење, повраќање, абнормални и неправилни отчукувања на срцето, параноја. Ова може да предизвика оштетување на нервните врски, особено во адолесценцијата, кога мозокот се развива, намалувајќи го капацитетот за учење и меморија, предизвикувајќи депресија и психотични нарушувања.