Откритието беше објавено во соопштение објавено на Фејсбук страницата на Чешкиот институт за египтологија – катедра при Факултетот за философија и уметност при Карловиот универзитет во Прага. Се работи за гробница на познат староегипетски големец, Птахшепсес, кој живеел некаде во периодот помеѓу 24-тиот и 25-тиот век п.н.е. Гробницата е пронајдена во зоната помеѓу приамидните полиња на Абусир и Сакара
За волја на вистината чешките археолози, всушност ја реоткрија изгубената гробница што пред речиси 160 години била откриена од францускиот археолог Огист Мариет. Тогаш тој открил огромна лажна врата и греда првично поставена над влезот на култната капела. Но, песокот од околната пустина наскоро повторно ја покрил гробницата.
Чешките египтолози веќе биле запознаени со откритието на Мариет и веќе неколку години биле во потрага по изгубената гробница. Деталните сателитски снимки на областа и проучувањето на старите мапи довеле до повторно откритие во 2022 година. Делумно отворениот саркофаг сè уште ја содржел целосната мумија на Птахшепсес.
Според египтолозите Птахшепсес бил човек кој го променил текот на египетската историја. Високиот службеник служел под Ниусере Ини – фараон од периодот на Старото Кралство, шестти владетел од Петтата династија.
Анализата на мумијата потврдува дека Птахшепсес живеел мошне долго, околу 65 или повеќе години, – факт што го навестуваат и натписите на лажната врата. Таа биографија укажува дека тој живеел за време на владеењето на 6 кралеви од доцната четврта и петтата династија: Менкауре, Шепсескаф, Усеркаф, Сахуре, Нефериркаре и Ниусере Ини.
„Со оглед на политичкото, историското и религиозното значење на Птахшепсес, гробницата е едно од највпечатливите откритија во последно време во доменот на египетската археологија“, се вели во соопштението на чешката мисија. Истражувањето сè уште е во тек, но археолозите очекуваат дека ќе следат и дополнителни нови откритија што ќе откријат детали за неговото семејство и времињата.
Тие, исти така, ја истакнуваат и улогата на гробницата како врска помеѓу мастабата каде што бил погребан Птахшепсес и соседните обемни семејни гробници, како што е онаа на високиот функционер Тај, чијшто гроб пронајден во близина бил изграден во приближно исто време.
Мастабата на Птахшепсес е со димензии 42 на 22 метри, а висок е повеќе од 4 метри.
Иако погребната комора била ограбена пред неколку векови, можеби и милениуми, тимот пронашол керамика, остатоци од заветни приноси, канопски садови и првиот примерок на мумифицирана риба во светот.