Нобеловата награда е едно од најпрестижните и најпознатите научни признанија на нашата ера. Со неа се одбележува исклучителната природа на откритијата на добитниците на наградата, а добитниците стануваат познати и надвор од академските кругови. Сепак, се чини дека медалот има и своја опачина – честта да се биде Нобеловец се чини дека може негативно да влијае врз продуктивноста на победниците. Барем кон ова укажуваат резултатите од студијата изработена од тројца научници од Универзитетот Стенфорд (САД), која е објавена неодамна во списанието Royal Society Open Science.
Студијата го квантифицираше ефектот на Нобеловата награда врз истражувачката активност на лауреатите. За да имаат репер научниците го прошириле истражувањето и на добитниците на MacArthur Fellowship, престижна стипендија што им се доделува на луѓе кои покажале „исклучителна креативност“. Потоа била направена споредба на двете групи победници за да се откријат какви било разлики.
Тимот избрал примерок од 72 лауреати-Нобеловци и 119 стипендисти од Институтот Мекартур наградени во минатиот век, споредувајќи го бројот на публикации и цитати за секој од нив три години пред да ја добијат наградата и во периодот по освојување на признанието.
Резултатите од споредбата покажале дека, во многу случаи, последователните дела на победниците имаа ист или дури и намален вкупен ефект врз научниот пејзаж. Со други зборови, постигнувањето на највисоките академски почести ја обесхрабрува истражувачката активност. Имено, добитниците на Нобел објавиле приближно ист број научни трудови по добивањето на наградата, но нивните студии имаале значително помалку цитати од научните трудови објавени пред да ја добијат наградата. Од друга страна, стипендистите на Мекартур објавиле нешто повеќе трудови, но повторно цитираноста на трудовите останала на исто ниво.
Според авторите на студијата, возраста е еден од факторите што најмногу влијаат на научната продуктивност. Од собраните податоци, било забележано дека падот во број на публикации и цитираност за добитниците на двете награди се случувал на возраст над 42 години, додека оние на возраст од 41 година или помалку го одржувале позитивниот тренд. Но, возраста не е единствениот фактор. Друга причина би можела да биде и таканаречената „pivot penalty“, реакција што се јавува кај победниците кои, откако ќе го достигнат врвот на својата кариера, знаат да се посветат и на истражувања во други области различни од оние во кои бриљирале.
Некои експерти кои не биле вклучени во студијата, сепак, укажуваат на потешкотијата да се оцени продуктивноста преку вклучување на различни научни теми во еден сет, секој со посебни стандарди за публикации и цитати. Во одредени области, на пример, практика е постарите научници да не бидат вклучени помеѓу авторите на објавениот труд иако учествувале, што има за цел да им се даде можност на помладите колеги да изградат име.