Дишењето на загадениот воздух е непосредно опасно, последици може да има мошне бргу по изложеноста. Имено, новите истражувања велат дека дишењето воздух исполнет со смог мошне бргу придонесува за зголемување на ризикот од мозочен удар.
Прегледот на претходни студии објавени во научното списание Neurology, открива можна врска помеѓу дишењето воздух со висок степен на загаденост и шансите за доживување мозочен удар во наредните пет дена потоа. Освен тоа, шансите за овој настан да биде смртоносен се правопропорционални со загаденоста на вдишаниот воздух – поголема загаденост значи поголеми шанси за смртен исход.
Досегашните истражувања веќе на покажаа врската помеѓу долгорочното изложување на смог и кардиоваскуларните проблеми од типот на мозочни удари и срцев удар. Вдишувањето на фините честички PM2.5 (честички со дијаметар помал или еднаков на 2,5 микрони) предизвикува воспаление, поттикнува згрутчување на крвта и може да навлезе преку белите дробови во крвотокот, предизвикувајќи хронични заболувања, но и акутни настани како, на пример, мозочен удар. Сепак, врската помеѓу неодамнешна и краткотрајна изложеност на смог и почетокот на овие епизоди сè уште беше нејасна.
Амед Тубаси (Ahmad Toubasi), доктор од Универзитетот на Јордан во Аман, проучил 110 студии во кои биле разгледувани 18 милиони случаи на мозочен удар и ги анализирал нивоата на разни загадувачи, какви што се азот диоксидот (NO2), озонот, јаглеродниот моноксид и сулфур диоксидот, како и како атмосферските честички со различна „тежина“.
Повисоките концентрации на азот диоксид (мошне иритирачки гас што се формира при процесите на согорување) биле поврзани со зголемен ризик од 28% за мозочен удар во наредните пет дена; повисоките нивоа на озон за 5% ја зголемувале веројатноста за мозочен удар; повисоките количини на јаглерод моноксид придонесувале за зголемување на ризикот од 26%; додека сулфур диоксидот носел и до 15% зголемена веројатност од мозочен удар. Повисоките концентрации на PM1 (честички со пречник помал од микрон) биле поврзани со зголемување од 9% на ризикот од мозочен удар, PM2,5 носеле зголемување на ризикот од 15%, а PM10 зголемување од 14%.
Повисоките нивоа на изложеност на смог исто така биле поврзани со зголемен ризик од смрт со мозочен удар кога тој ќе се случи (згоелмување од 33% за азот диоксид, 60% за сулфур диоксид, 9% за PM2,5 и 2% за PM10). Авторите ја потенцираат важноста што драстичното намалување на смогот би ја имало за спречување на акутни настани и општо за здравјето на луѓето.