За Камено доба сите знаеме, но веројатно може да се каже дека тоа имало и свое “Дрвено доба”. Проблем е што, за разлика од каменот, дрвото мошне ретко успева да остане зачувано во текот на илјадници години, освен ако не биде изложено на мошне специфични услови во околината. Се чини дека вакви поволни услови се создале крај една древна река што тече низ Замбија, на границата со Танзанија, во периодот пред околу 500 илјади години. Тука, под водопадите на реката Каламбо, истражувачите открија остатоци од нешто за кое сметаат дека е најстарата досега позната дрвена градба во светот.
Во тоа време, Хомо сапиенсот сè уште не постоел, така што праисториските “столари” мора да биле од видот Хомо хејделбергенсис (Homo heidelbergensis). Градбата се состоела од низа трупци поставени на брегот на реката Каламбо. Едноставна, но генијална структура, создадена со обликување на трупците со остри камени алатки, за која се претпоставува дека е можно да била дел од пешачки мост за премин преку реката или од платформа на која се поставувала колиба.
Лево: Водопадите на реката Каламбо високи 235 метри, сместени на границата помеѓу Замбија и регионот Руква во Танзанија, се наоѓаат во непосредна близина на локацијата на ископувањето. Десно: Археолозите открија нешто за кое сметаат дека е најраната позната градба од дрво изработена од човек. Артефактите стари половина милион години би можеле да го променат начинот на кој ги гледаме луѓето од каменото доба. Фото: Лари Бархам и Џеф Дулер/Универзитет во Ливерпул
Белезите на трупците укажуваат дека тие биле исечени и гребани со различни камени алатки пронајдени на местото. Еден од трупците бил пронајден фиксиран за друг, со помош на голем засек во форма на U издлабен од долната страна.
Наодите, објавени во Nature, се важни бидејќи ретко се случува артефакти од дрво од праисторијата да преживеат до денес. Материјалот пронјден крај водопадите Каламбо бил зачуван во седименти натопени со вода, во анаеробна средина, кисела и без кислород, што спречило бактерии да го уништат и разградат дрвото.
Според Лари Бархам од Универзитетот во Ливерпул, кој го преводел истражувањето, се работи за прв случај научниците да бидат во можност да го документираат дејството на “толку древни праисториски луѓе кои посегнале по материјал од дрвјата за да го обликуваат без притоа да имитираат природна форма, туку да создадат нешто ново, спроведувајќи културолошка трансформација на пејзажот“.
Покрај тоа што на платформата веројатно била сместена мала колиба, извесно е дека на неа се одвивале и низа секојдневни активности, како изработка на алат, поставување на огниште, касапење на месото или сушење на разни намирници на сонце. Досега се пронајдени и други предмети од дрво меѓу кои клин, расцепена гранка со засек што можеби служела како стапица и трупец исечен на двата краја – елементи кои би ја потврдиле употребата на платформата како работна површина.
Археолог држи парче древно дрво во облик на клин ископано во близина на реката Каламбо во Замбија. Фото: Лари Бархам и Џеф Дулер/Универзитет во Ливерпул
На локалитетот веројатно се зачувани и мноштво други алатки, па истражувачите имаат намера да соработуваат со владата на Замбија за водопадите на реката Каламбо да бидат признати како светско наследство од страна на УНЕСКО.
Испреплетените и обликувани трупци се доказ за своевиден „праг на однесување“. Во еволутивна смисла, тие може да се сметаат за продолжување на практиката за создавање гнезда од страна на нашите антропоморфни мајмунски братучеди, како што се шимпанзата и горилата, какви што сосема извесно градел и заедничкиот предок што го споделуваме со нив. Но, овие гнезда што служеле за одмор, сместени или на дрвја или на земја, а кои нашите далечни роднини сѐ уште ги конструираат, се изработени од гранки и од лисја, едноставно собрани од околината или искинати.
Сеченото и измазнето дрво, користено со обликувани и вкрстени жлебови, е показател за способноста на нашите предци од видот Homo heidelbergensis, кои уште пред 476 000 години, успевале да ја променат формата на овој материјал, од природен во вештачки, размислувајќи повеќе за тоа како да ја трансформираат околината.
Археолозите работат на ископување на древната дрвена структура. Фото: Лари Бархам и Џеф Дулер/Универзитет во Ливерпул