Вториот ден од самитот за вештачка интелигенција, прв од овој тип којшто се организира во Скопје и Македонија, понуди повеќе интересни излагања на подиумот на МОБ. Предавањата се движеа во распон од интегрирање на вештачката интелигенција во роботиката и создавање на вештачко битие до практична примена на вештачката интелигенција во банкарството, авиоиндустријата, јавната администрација, земјоделството. Беа разгледувани аспектите на развој на вештачката интелигенција, начините на коишто таа го олеснува животот, но и некои интересни нуспојави што таа ги манифестира – пристрасноста, предрасудите и т.н. халуцинации, како и етичките имликации при примената на ВИ.
Секако дека едно од најочекуваните предавања беше она што го отпочна вториот ден на AI Tech Summit Skopje 2023 – Џиен Лим (Jeanne Lim), соосновач и CEO на Being AI Limited, креатор на еден од најнапредните роботи со ВИ – Sophia the Robot. Во своето предавање Лим говореше за нејзиното искуство при создавањето на Софиа, предизвиците и начинот на којшто луѓето реагирале на овој робот, нивната меѓусебна интеракција, за нејзината најнова креација Зиби (Zbee), но и за потребата од градење симбиотска врска со ВИ.
Лим најнапред ги подвлече главните својства на човештвото – култура, искуства, разновидност, поврзаност, мудрост, еволуција, за потоа да проговори за начините на коишто ВИ може но и веќе се користи за поддршка и подобрување на овие карактеристики. Во поглед на опасноста од ВИ и нејзините недостатоци, Лим мошне пластично кажа дека “ВИ е огледало на човештвото”, на сите нас. Па така, надминувањето на овие недостатоци би можело да се постигне со делегирање на дел од мудроста на ВИ што ќе придонесе за подобрување на можностите, интеграцијата, зголемена проактивност и сестраност. За крај Џиен Лим ја сподели нејзината визија за свет во којшто луѓето и ВИ соработуваат и учат еден од друг, на ист начин како што родителите соработуваат и учат од нивните деца.
По ова на сцената ја имавме Антигони Кору од ИНГ која говореше за предностите на low code/no code технологијата и улогата на ВИ во неа, начините на коишто таа помага за побрза изработка на прототипи и брза валидација на идеите, креативната соработка со ВИ при процесирање на NLP итн.
По ова Енди Фиц од Свис когнитив говореше за потребата во инвестирање во големи јазични модели, истакнувајќи 5 причини за ова и можностите што оваа технологија ги отвора и нуди: брзина на адаптација, сеопфатно знаење, хоризонтална поставеност на технологијата (што ја прави примамлива како инфраструктурно решение), радикална продуктивност и интердисциплинарна иновација.
По ова следеше панел во кој стана збор за етичките импликации при користење на ВИ технологијата. Стојанчо Туџарски од Иновејшн ДООЕЛ, Милош Новковиќ од НовАрк, Игор Шево од ХТек и Светлана Кордумова од Пиксајл.аи расправаа за пристрасноста на големите јазични модели и појавата да генеративната интелигенција фаворизира одредена група, дали треба да се избегне оваа појава, и како да се надмине.
По ова добивме мошне интересно излагање за употребата на ВИ во доменот на воздухопловството. Имено, Астерис Апостолидис од Блу Лабс, отсек на холандската авиокомпанија КЛМ, говореше за примената на вештачката интелигенција за подобрување на безбедноста на воздухопловите. За крај беше запрашан и го изнесе своето мислење за иднината на целосно автономни беспилотни летала која, очекувано, според него нема да се случи барем во наредните 10-15 години.
Светлана Курдумова говореше за примената и иднината на ВИ. Нејзината визија за ВИ е всушност визија за копилот алатка што треба да го олесни функционирањето на човекот. За ова да се постигне можеби ќе треба да се ограничи функционирањето на ВИ добивајќи т.н. AI in a box.
Сосема очекувано Рене Пајта, кој настапи по Курдумова, говореше за предностите на клауд АИ решенијата од Мајкрософт, поточно AI Azure.
Едно неочекувано поле на примена на ВИ е во агрономијата, поточно енологијата. Александра Ристова од АД Тиквеш и Џовани Бигот од Перлеве открија за нивното решение, апликација на ВИ којашто на агрономите им овозможува да имаат подобар увид во здравјето на овошките.
По нив Влад Ларичев од Аксенчр говореше за трансформативната моќ на генеративната ВИ ширум индустриската палета, додека Ибин Редингтон говореше за примената на ВИ во јавната администрација, автоматизацијата на процесите во јавната администрација, како и предусловите и подобрувањата што таа би ги донела.
По него Мартин Плајнер (РД Логио) со практичен пример даде опис за примена на ВИ за подобрување на бизнис процесите со анализа и понуда на решенија за надминување на детектираните проблеми.
Самитот го затвори предавањето на Џејсон Грант кој говореше, меѓу другото и за дизајнирањето на етичка АИ.
Од самитот може да заклучиме дека вештачката интелигенција како современа технологија е веќе сеприсутна и го рашири своето влијание во речиси сите индустрии. Дури и Македонија има стартапи и фирми што во своите процеси веќе користат ВИ на некое ниво.Она што создава одреден доза на немир е што доста од етичките проблеми со нејзиниот тренинг, развојна методологија и раст се решаваат во од. Да се надеваме дека визијата на Џиен Лим за симбиотска врска со ВИ е сепак поблиска до реалноста од мрачните визии за иднината од научнофантастичните филмови и новели.