Вештачката интелигенција денес наоѓа примена во речиси секоја пора во животот, дури и во најнеочекуваните работи и места. Имајќи предвид дека пејзажот на локалниот ИТ-сектор кај нас станува од година во година сè покомплексен, одржувањето на ИТ самит посветен на ВИ во Скопје се наметнува како логичка потреба како место за размена на идеи, искуства и, зошто да не, како своевиден пазар на трудот за ова поле.
Самитот на едно место собра луѓе кои на ваков или онаков начин се поврзани со полето на вештачката интелигенција, независно дали во неа гледаат единствено како на корисна алатко што ќе помогне во надградба и развој на нивните вештини, услуги или бизнис, или пак се наоѓаат од другата изворна страна и работат во самото поле на развој и усовршување на нови ВИ системи. Дури и цената на билетите за овој настан речиси гарантираше профилирана публика во гледалиштето кое беше исполнето со мноштво млади лица – работната сила и двигател на развојот и подемот на ВИ, но исто така имаше и повеќе менаџери, HR специјалисти и кои подготвено пристапија кон овој настан обидувајќи се да привлечат повеќе таленти во компаниите на нивните клиенти.
Организатори на настанот се TBM Group, компанија којашто подолго време работи во сферата на организирање на настани на ниво на Европа. За квалитетот на избраните предавачи/говорници доволно е да се каже дека луѓе дојдоа од целиот регион, но и пошироко, во Скопје специјално за овој настан.
Самитот за ВИ, како и речиси сите настани организирани во Македонија, доцнеше. Додуша ова, како што потоа дознавме беше од оправдани причини.
Присутните најнапред ги поздравија презентерите Гораст Цветковски и Мери Кокотова во придружба на нивниот роботски колега Пепер, по што на сцената се појави првиот говорник.
Рони Фелинг од BSG X, како увод даде кус преглед на развојот на вештачката интелигенција нудејќи перспектива на овој процес гледана низ очите на некој којшто целиот живот работел во браншата, дури во еден момент и со легендата на ВИ, Марвин Мински.в Фелинг говореше за улогата и способноста да се фатиме во костец со решавањето на комплексни проблеми. Притоа тој извлече мноштво интересни паралели и презентираше неколку студии на случај што се однесуваат на полето на примена на ВИ, од случаи во здравството до случаи каде ВИ е од помош во непристрасно прецизирање на толкувањето на законските одредби и упатства во јавната администрација, и на крај како креативна алатка за таргетиран дигитален маркетинг.
По него на сцената излезе Мартин Хрчек од Водафон којшто даде преглед на начините на коишто ВИ се користи и може да се примени во сферата на комуникациите и маркетингот. По него Стив Стерјо од Гугл со мошне интересно излагање за иднината на примената на ВИ. Презентацијата не беше техничка но ги исцрта и повтори деловите каде ВИ веќе се користи – анализа на податоци добивање на одговори на комплексни прашања, подобрување на кориснички искуства и оптимизација на процеси. Каде ВИ ќе нè однесе со примена, и дали и колку можеме и треба да ѝ веруваме, колку и дали ВИ е вистински интелигентна.
По ова следеше панел на којшто Реза Мусави од Шведската асоцијација за ВИ, Игор Маџов од Стартап Македонија, Диме Галапчев од ФинкАп, Војта Рочек од Престо Венчрс и Томе Ефтимов од ТимЛифт расправаа за тоа колку претставувањето на ВИ има влијание на работната сила и колку од работните места и позиции може да бидат загрозени и како да се надмине овој проблем преку обука и адаптација на вработените да ја користат и инкорпорираат ВИ како алатка во работата.
По ова утринско загревање и паузата за ручек имавме повеќе интересни презентации и сесии. Данијела Хорак од ББЦ зборуваше за ВИ со акцент на нејзинот влијание врз работните места. Притоа беа споменати и разгледани два мошне влијателни научни труда – On the Dangers of Stochastic Parrots: Can Language Models Be Too Big? и Emergent World Representations: Exploring a Sequence Model Trained on a Synthetic Task, кои даваат визија за еволуцијата на ВИ кон алатка којашто ќе се користи за сè, како и на што треба да се обрне внимание при понатамошниот развој и примена.
Сузан Нордингер од Јуниверсал Роботс иако имаше технички проблеми со презентациите имаше мошне впечатлива сесија за примената на ВИ на полето на роботиката. По неа следеше Игор Шево од ХТек чијашто презентација беше ориентирана кон технилките специфики на проблематиката на примена на ВИ.
Сајман Шети кој работел во Тесла, Лифт, Нуро и сега во Аурора имаше мошне интересна презентација за примената на ВИ во сферата на автономните возила, откривајќи ги најчесто користените сензорни алатки и како тие функционираат на безбедноста на возењето.
По ова уследи вториот панел на којшто Далит Штајгер-Габлингер од Свис Когнитив, Рони Фелинг од БЦГ Екс, Енди Фиц од Свис Когнитив, Жан Лим од Биинг АИ Лимитед и Сајман Шети (Тесла, Лифт, Нуро, Аурора) расправаа за влијанието на ВИ на еволуцијата на работните профили на сите нивоа.
По ова Томе Ефтимов говореше за примената на ВИ за подобрување на изборот на кандидати за работните места со користење на ВИ и профилирање на нивните реални вештини и способности.
За крај го добивме најинтересното техничко излагање од Дебмалја Бизваз (Випро) кој даде увид во индустриската примена на засилено учење (Reinforced Learning), следната етапа на машинско учење како алатка за податочно поттикната контрола.
Во паузите во холот на МОБ можеа да се разгледаат повеќе примери на практична примена на ВИ.
Се читаме утре со извештај од вториот ден од самитот.