Веројатно барем еднаш сте се поврзале на Интернет во трговски центар или хотел, од деловни или приватни причини, без да размислувате дали тоа ги загрозува вашите приватни податоци. Но, тоа спојување во никој случај не е безопасно. Денес безжичниот интернет е присутен насекаде, речиси во сите угостителски објекти, дури и во кафулињата и рестораните каде што често престојувате. Додека го читате весникот на телефон и го пиете првото утринско кафе во барот – можеби хакерот ве „гледа“.
Хотелите можат да бидат „опасни“, иако најавувањето на Интернет изгледа сигурно и безбедно. Многу компании кои се занимаваат со оваа тема, како Kaspersky или SensePost, со години укажуваат дека јавниот Wi-Fi претставува „голем безбедносен ризик“. Ако сметате дека луксузниот хотел е побезбеден од локален мотел, се лажете.
Хакерите честопати создаваат лажни безжични мрежи, кои имаат име слично на хотелското Wi-Fi и притоа најчесто избираат места што се популарни и мошне посетени. Потоа чекаат „жртвата да падне во стапицата“ – т.е. да се најавите. Откако едно лице ќе се поврзе на таа мрежа, хакерите лесно инсталираат софтвер дизајниран да прави штета и вируси што потоа ќе им овозможат пристап до сите податоци на „жртвата“. Во оваа замка не паѓаат само гостите на хотелот и зависниците од шопинг, туку и голем број вработени кои работат од далечина.
Па, како да се заштитите? Обрнете внимание на следниве неколку нешта...
Ако планирате да се поврзете на Интернет во блискиот трговски центар, запазете го името на мрежата. Најдобро е да се информирате за точното име, а информацијата е сигурно достапна на информативниот пулт, кој сигурно постои во секој објект од ваков вид. Ова ќе ви помогне да избегнете да се поврзете со нечиј паметен телефон или со лаптоп од хакерот кој демне.
Се препорачува извршувањето на некои деликатни трансакции да го правите дома или преку мобилен интернет, а истото важи и за внесувањето важни кодови или пристапувањето до важни онлајн профили.
Покрај сето ова, треба да се внимава и на бесплатниот градски Wi-Fi, достапен на одредени места како во парковите, на плоштадите... или, да речеме, во јавниот превоз. Интернетот таму и така не е брз и обично прави проблеми, па не губите ништо. Ако бесплатната градска мрежа е бавна, тоа значи дека на неа се поврзани премногу корисници или рутерот е преземен од хакер, што во секој случај е полошо сценарио.