Рубрика: Омнибус
Објавени добитниците на Иг Нобел за 2023 година
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 18.09.2023 - 13:45

Додека ги чекаме објавите за добитниците на вистинските Нобелови награди, настан што треба да се случи на почетокот од идниот месец, ред е да ги разгледаме и добитниците на овогодинешните Иг Нобел награди. А се чини дека нема недостток на, ахем, интересни истражувања. Зошто геолозите сакаат да лижат карпи? Може ли нозете од мртов пајак да се користат како прецизна пинцета? Ова се дел од бизарните прашања на кои одговор даваат студиите што освоија Иг Нобел оваа година.

Долгоочекуваниот годишен настан организиран од научниот хумористичен магазин Annals of Improbable Research (AIR), сега во своето 33. издание, има за цел да ја прослави најнеобичната и најкреативната страна на истражувањето и да го поттикне интересот на пошироката јавност за науката.

За оние што сѐ уште не се информирани Иг Нобелот е всушност своевиден антипод на Нобеловата награда. Се доделува секоја година за необични или тривијални достигнувања во научното истражување. Целта на овие награди, устоличени во 1991 година, е „да ги испочитуваат достигнувањата што од прва ќе ги насмеат луѓето, а потоа ќе ги натераат и да размислат за нив“.

И овојпат наградите, доделени во 10 различни категории, меѓу кои и традиционалните категории што ги имаат Нобеловите награди – физика, хемија, физиологија и медицина, не ги разочараа љубителите на жанрот.

Сеунг-мин Парк (A Seung-min Park), уролог од Универзитетот Стенфорд, беше награден со Иг Нобел за јавно здравје за она што научникот го нарекува „Стенфорд тоалет“. Се работи за паметна WC шоља којашто ја анализира урината и изметот барајќи знаци на инфекции, дијабетес и други болести, и го идентификува секој корисник на тоалетот тргнувајќи според уникатните карактеристики на неговиот,... па, задник (или како што велат научниците, „анален отпечаток“).

Иг Нобелот за медицина му припадна на тимот предводен од Наташа Мешинковска, дерматолог на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, за броење влакна во ноздрите на човечки трупови. Целта на овие истражувања била  да се утврди дали тие се присутни во еднаков број во двете дупки во носот (детаљ што би требало да помогне во лекувањето на пациентите со алопеција, на кои честопати, пред да ја загубат косата, им опаѓаат  и влакната од носот, со што стануваат поподложни на респираторни инфекции). И ако се прашувавте, да, Мешинковска е по потекло од Македонија.

Те Феј Јап (Te Faye Yap) и Даниел Престон (Daniel Preston) од Универзитетот Рајс (САД) добија Иг Нобел за механичко инженерство откако користеа мртви пајаци како пинцети. Имено, тие го користеле тоа што починатите пајаци имаат нозе кои природно се затвораат, како тупаница, но кои може и да се испружат со примена на механички притисок. Резултатот е роботизиран труп од пајак (некроробот) способен прецизно да фаќа предмети со неправилна форма и да крене повеќе од сопствената тежина.

Јан Заласиевич (Jan Zalasiewicz), геолог од Универзитетот во Лестер (Велика Британија) беше почестен со Иг Нобел за хемија и геологија затоа што одговорил на прашањето што сите. односно речиси сите, си го поставуваат: зошто толку многу научници лижат камења? Се чини дека оваа навика не се должи толку на задоволување на чулото за вкус колку што е поради сетилото за вид. Имено, минералите во карпите станувале позабележителни на влажна површина. Заласиевич уште во 2017 година во билтенот на Палеонтолошкото здружение на Америка пишува дека геолозите дури пробувале минерали со цел да ги препознаат по нивниот вкус, но се чини дека денешните геолози имаат понежен стомак.

Тим од Јужна Кореја го освои Иг Нобелот за образование за нивното проучување на здодевноста кај учениците и нивните наставници, додека Иг Нобелот за психологија ѝ беше доделен на историската студија на Стенли Милграм (Stanley) кој истражуваше колку пешаци во градот застануваат да погледнат нагоре кога ќе видат и други луѓе го прават истото.

Акира О'Конор Akira O'Connor (Akira O'Connor), невронаучник од Универзитетот Сент Ендрјус во Шкотска, доби Иг Нобел за литература за нејзините студии за феноменот спротивен од дежа ви, жаме ви – чувството дека не препознаваме нешто што би требало да ја перципираме како познато. О'Конор покажала овој ефект е можно да се рекреира во лабораториски услови, на тој начин што волонтерите речиси до бескрај ќе повторуваат еден ист збор, сѐ дури неговиот звук не стане практично непрепознатлив.

Од друга страна, Иг Нобелот за комуникација го доби тим од Универзитетот во Малага, кој ја истражувал мозочната активност на луѓето кои умеат да зборуваат наназад, со цел да разбере како човечкиот мозок учи да ги идентификува различните звуци што формираат зборови.

Иг Нобел за исхрана доби Хомеи Мијашита (Homei Miyashita) од Универзитетот Меиџи и Хироми Накамура (Hiromi Nakamura) од Универзитетот во Токио за нивното истражување за електрифицирани стапчиња за јадење (и наелектризирани сламки за пиење). Овој прибор за јадење всушност може во секунда да го промени вкусот на храната подобро отколку што тоа го прават зачините и може да се користи, на пример, за јадењето да добие посолен вкус.

Биеито Фернандес Кастро (Bieito Fernández Castro ) од Универзитетот во Саутемптон (Велика Британија) конечно беше награден со Иг Нобел за физика затоа што покажа дека сексуалната активност на сарделите што секоја вечер се собираат во близина на брегот на Галиција (во северозападна Шпанија) создава вртлози што можат да ги мешаат океанските водни слоеви.

На победниците им беше доделена симболична награда – банкнота од 10 трилиони зимбабвеански долари (стапката на инфлација во Зимбабве во 2022 година изнесуваше речиси 200%) и PDF испратен преку е-пошта со шема распослана на шест страници, која може да се испечати и преклопи за да се формира 3D трофеј.

Свечената церемонија за додела на наградите, закажана во ноември, како и секоја година, се одржува во театарот Сандерс на Универзитетот Харвард, по што според традицијата победниците одржуваат јавни предавања на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ).

Целосниот список на наградени трудови по области и по години може да го прегледате тука

Снимка од објавата за добитниците на Иг Нобел за 2023 година
Клучни зборови: