Додека ние чествуваме Ден на независноста на Македонија, гиковите и сај-фај нердовите денес го одбележаа денот на Ѕвездени патеки – Star Trek Day. Имено, на денешен ден, пред точно 57 години оригиналната серија Ѕвездени патеки дебитираше на малите екрани со “Каде ниту еден човек не бил порано”.
Интересно е што ова е всушност втора пилот епизода од сега легендарниот серијал. Првата пилот епизода, “Кафез”, била прогласена како премногу “умствена”, но во NBC сепак го бендисале концептот на серијата па била нарачана изработка на втора пилот епизода во која биле задржани само неколкумина од главните протагонисти од “Кафез”, меѓу кои и Леонард Нимој како Спок. Првото емитување на “Каде ниту еден човек не бил порано” со Вилијам Шетнер како капетанот Џејмс Тајбериус Кирк, е закажано за есента 1966 и тоа се случува токму на денешен ден таа година.
Оригиналната серија Ѕвездени Патеки ќе има 3 сезони, по што ќе биде откажана поради лоша гледаност. Но од заборав ќе ја спасат бројните репризи како и појавата на анимирана серија во 1973 година. По ова следуваат филмовите, па ултрауспешниот ривајвл на малите екрани со сосема нов серијал во 90-тите години “Ѕвездени патеки – следна генерација”, по што ќе уследат и нови гранки на дрвото на “Стар Трек” универзумот – “Длабока вселена 9”, “Војаџер”, “Ентерпрајз”, “Дискавери”, “Пикард”, “Долните палуби”, “Кратки патеки”, “Чудесни нови светови”, “Пикард”, “Чудо” и, да не ги заборавиме и дузината кино-филмови снимани помеѓу овие серијали.
По повод денот на Ѕвездените Патеки честитки објавија и НАСА, мисијата на вселенсикиот телескоп Хабл и вториот човек што стапна на Месечината – Баз Олдрин.
Честитката на Хабл беше надополнета со слика од маглината PN M2-9, една од многуте маглини што постојат во реалноста а кои биле вклучени во сценографијата на повеќе серијали од Стар Трек универзумот. Конкретната маглина, Млазен Близнак, се појавува во Лабораторијата за астрометрика на ѕвездениот број Војаџер. Во реалноста, оваа маглина која ја создала ѕвезда на умирање што орбитира мошне блиску до нејзиниот придружник бело џуџе, се наоѓа на оддалеченост од 2100 светлински години од нас. Ѕвездите орбитираат една околу друга на секои 100 години, а како последица од оваа ротација се создаваат крилата од маглината и двата млаза. Ротацијата исто така му овозможува на белото џуџе да го “краде” гасот од поголемиот придружник при што се формираат големи дискови од материјал околу ѕвездите кои се простираат на оддалеченост која е 15 пати поголема од онаа помеѓу нас и Плутон.
Честитката на НАСА пак е приказ на маглина со ѕвездени јасли со коментар: “Овие правливи облаци во нашата галаксија Млечен Пат се роднo местo на нови ѕвезди, но нивните форми нè потсетуваат дека ние исто така сакаме смело да истражуваме каде никој досега не отишол”.