Кометата C/2023 P1 Нишимура, откриена пред само неколку недели, наскоро би можела да биде видлива со голо око. Кометата беше пронајдена од јапонскиот астрофотограф и астроном аматер, Хидео Нишимура на 11 август, кога го фотографирал ноќното небо со обичен дигитален фотоапарат со експозиција од 30 секунди.
Кометата би можела да стане доволно светла за да може да се набљудува и без дополнителни помагала, уште на почетокот од овој месец. Но, проблем е што кометата ќе биде и аголно близу до Сонцето, така што ќе може да се види само непосредно по зајдисонце или пред изгрејсонце.
Кометата треба да достигне перихел на 17 септември, кога ќе биде на растојание од приближно 0,22 АЕ од Сонцето, што е малку повеќе од една петтина од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето. Ова значи дека таа ќе биде прилично навлезена во орбитата на Меркур, па поради близината на Сонцето и топлина што тоа ја зрачи може да се очекува и кометата да се распадне. Ако тоа не се случи, можеби ќе бидеме во можност да ја набљудуваме навечер кон крајот на септември.
Кометата Нишимура, со зелена кома и тенка опашка, снимена од Јунското Езеро, Калифорнија, САД
Поради тоа што е многу новооткриена, точната траекторија и видливост на кометата сè уште се неизвесни, а проценките се менуваат од ден на ден врз основа на нови набљудувања. Неодамнешните пресметки покажуваат дека кометата е веројатно периодична, со орбитален период од околу 300 години, што е добра вест за набљудувачите. Имено, статистички кометите што за првпат се приближуваат до Сонцето имаат најголема веројатност да се распаднат, но со секој последователен премин низ перихелот, јадрото на кометата станува поцврсто. А бидејќи C/2023 P1 веќе имала претходна средба со нашата ѕвезда, шансите да го преживее своето патување низ перихелот се поголеми.
Се очекува да биде видливa на небото некаде до 7 септември, секојдневно станувајќи сè посветла. Но, со оглед на тоа што секојдневно ќе се приближува и до сјајот на Сонцето, до средината на септември кометата ќе биде веќе тешко видлива.
Набљудувачите на северната хемисфера (а тоа значи и ние во Македонија) ќе имаат најдобра глетка, а употребата на двоглед може да помогне за лоцирање на кометата, за што може да се послужите и со апликациите за набљудување на ноќното небо, од типот на Starwalk.
Кометата C/2023 P1 (Нишимура), фотографирана од Шпанија. Фото: SomeAstroStuff - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=136425212