Европол предвидува дека до 2026 година до 90% од онлајн содржините би можеле да бидат вештачки генерирани, така што утврдувањето на вистинскиот идентитет на корисниците би можело да стане сѐ поголем предизвик. Денес, биометриката добива на интензитет бидејќи многу компании ја спроведуваат како побрз и поудобен процес за автентикација. Сепак, Стјуарт Велс, главен технолошки директор на компанијата за биометриска автентикација Jumio, ги посочи потенцијалните закани и методи со кои измамниците можат да се послужат за да ја заобиколат технологијата за препознавање лице.
Велс укажува дека измамниците можат да се послужат со техника наречена „вбризгување на камерата“ за да внесат лажни видеа во системот и да ги измамат биометриските алатки. Оваа техника значи дека измамниците го заобиколуваат CCD сензорот на камерата за да вметнат однапред снимена содржина – видеопренос во реално време со замена на лица или содржина произведена со дипфејк технологија. Напаѓачите може да останат незабележани ако користат ваква техника. Со заобиколување на верификацијата, тие можат да предизвикаат значителна штета преку кражба на идентитетот, со создавање на лажни кориснички сметки или лажни парични трансакции.
Според Велс, клучот за заштита од измамници вклучува имплементација на механизми кои ги идентификуваат случаите на компромитиран драјвер на камерата и ја препознаваат манипулацијата со форензичко испитување на видеостримовите. Лажните видеа може да се откријат преку споредување на природните движења на корисникот со движењата во снимените видеа. Движењето на очите, промените во изразите на лицето или типичниот ритам на трепкање се случуваат природно. Кога овие движења се отсутни, тоа укажува дека видеосеквенцата можеби е лажна. Исто така, промените во параметрите како што се ISO, отворот на блендата, брзината на промена на слики, резолуцијата и промените во интензитетот на светлината или бојата може да ја откријат измамата.
Вградениот акцелерометар, кој детектира движење по оската, може да се користи и за следење на промените на објектите во снименото видео и утврдување на можноста за камерата да била хакирана.
Форензичката анализа на поединечни кадри од видеото може да открие и знаци на манипулација, како што се двојна компресија на делови од сликата или траги од лажни слики генерирани со компјутер.