Вселенското летало Луна-25 излезе од месечевата орбита во саботата, на 19. август, по што се урна на површината на Месечината. Јуриј Борисов, шефот на Роскосмос, објави дека главна причина за падот на Луна-25 била аномалија во работата на моторот. Наместо планираното активирање на потисните мотори да трае 84 секунди, моторот работел 127 секунди. Овој дополнителен импулс предизвикал Луна-25 да удри во Месечината, изјави Борисов за ТВ-куќата Русија 24.
Луна-25 требаше да работи најмалку една година на површината на Месечината.
По успешното лансирање изведено на 10 август, Луна-25 успешно ја вклучи својата научна опрема. Сите системи на вселенското летало работеa нормално во деновите по лансирањето, како што објави Роскосмос, па сондата стигна во лунарната орбита на 16 август и веќе се подготвуваше да слета во близина на јужниот пол на Месечината во понеделникот (21 август). Како примарно место за слетување беше избрана точка во близина на кратерот Богуславски, а во игра беа и две резервни места на слетување – југозападно од кратерот Манцини и јужно од кратерот Пентланд А. Но,...
Вселенскиот експерт Боб Кристи на веб-страницата OrbitalFocus објасни дека за време на викендот орбитата на Луна-25 била кружна на височина од околу 100 километри и со наклон од 87 степени. Работата на потисниот мотор требаше да го спушти лендерот на елиптична орбита со висина од 16 на 100 км, а во следната фаза требаше да започне со спуштање на површината. Наклонетоста, според него, ѝ овозможила на Луна-25 да помине преку поларната целна област.
Луна-25 успеа да достигне орбита од 16 на 110 км, од каде започна да се спушта кон Месечината. Но, преносите, наводно, престанале на висина до околу 3 километри. Несреќата не се случи во најризичната точка од мисијата – последните фази од спуштањето на површината – туку за време на нешто што требаше да биде рутинско активирање и деактивирање на помошните мотори заради корекција на орбитата пред последното спуштање.
Ако не се работи за чиста аномалија на моторот, се чини дека овој неуспех е уште еден од неуспешните обиди кои имале проблеми со компјутерското наведување и/или проблеми со контролирање на моторот. Да потсетиме, слични проблеми имаа индиската сонда Чандрајаан-2 и јапонската Хакуто Р.
Лансирањето на Луна-25 беше важно како од политичка така и од научна смисла. Па така, се очекува импликациите од неуспехот на мисијата да бидат значителни.
По падот на Луна-25, Русија брзо именуваше истражен комитет.
Иако санкциите за компјутерските делови и ограничениот систем за следење се обвинети за неуспехот, според западните експерти овие причини се недоволни да го објаснат неуспехот. Имено, Советскиот Сојуз беше пионер во успешни автоматизирани спуштања од орбитата на Месечината користејќи радар и пред-дигитална контрола и водење при успешните мисии Луна-16, 17, 20, 21 и 24. Лунарната програма од 1959 до 1976 година нижеше мноштво успеси и покрај ѕидот од санкции и ограничените мрежи за следење.
Тие прстот го вперуваат во веројатно недоволното финансирање, потсетувајќи на хаосот од 90-тите години од минатиот век, кога непосредно по распадот на СССР судбината на целата вселенска програма на Русија висеше на конец. И денес, велат тие, финансирањето на вселенската програма е мошне далеку зад она што се издвојува во САД, Кина, Европа, па дури и Јапонија. Освен две успешни опсерватории, Spektr R и Spektr RG, речиси и да немало никакви руски научни мисии во вселената, па искуството во водење на вакви сложени мисии на новата генерација руски инженери е скромно.
Извор Space.com