Рускиот лендер, чија финална дестинација е Месечината, ги достави првите снимки од вселената. Мисијата Луна-25, полета на 10 август со ракетата Сојуз-2.1б од космодромот Восточни, во рускиот далечен источен регион Амур. Луна-25 е првата целосно домашно произведена сонда испратена на Месечината во современата руска историја.
Последната мисија на Месечината од денешна Русија, Луна-24, полета во 1976 година и врати околу 170 грама лунарни примероци. Лансирањето на Луна-25 претрпи повеќекратни одложувања, делумно и поради војната на Русија со Украина, што во многу влијанеше врз меѓународната соработка за вселенски летови.
Првите снимки од Луна-25 се направени во неделата, 13. август, а Институтот за вселенски истражувања на Руската академија на науките (ИКИ РАС) ги објави во понеделникот, 14. август. Црно-белата колекција фотографии го прикажува руското знаме и амблемот на мисијата кои се залепени за структурата на вселенското летало, со слики од Земјата и од Месечината кои сјаат во заднина наспроти црнилото на вселената.
Сликите на Земјата и Месечината направени од камерата на комплексот STS-L на вселенското летало Луна-25 за време на летот до Месечината на 13 август 2023 година, од растојание од околу 310 илјади километри од Земјата. Фото: ИКИ РАС
Иако првично по социјалните мрежи се појавија разни шпекулации за состојбата на Луна-25 во деновите по лансирањето, објавените фотографии докажуваат дека лендерот функционира нормално и ја следи зацртаната патека кон крајната месечева дестинација.
Сликата е направена од камерата на комплексот STS-L на вселенското летало Луна-25 на 13 август 2023 година за време на летот до Месечината. Амблемот на мисијата и корпата на лунарниот манипулаторски комплекс LMK се видливи (горе лево). Фото: ИКИ РАС