Изминатава година-две Месечината се најде во фокусот на вселенските истражувања. Тука, секако предничи НАСА и нејзинините планови за обновување на човечките мисии до нашиот најголем природен сателит во рамки на мисиите Артемида, но свои мисии со сонди па дури и планови за понатамошно човечко присуство имаат кинезите, индијците, а бевме сведоци и на неуспешниот обид од една приватна јапонска компанија. Сега, во “трката” за повторно освојување на Месечината влегува и Русија.
Ракетата Сојуз 2.1б, која со себе во вселената ja носи лунарнарната сонда Луна-25, е во состојба на подготвеност на лансирната рампа на локацијата 1S на космодромот Восточни, лоциран во Амурската област, во Русија. Месечината- 25. Палењето на ракетните мотори е закажано за вечерва во 1 часот и 10 минути по полноќ по македонско време. Ако сѐ тече според планот, Луна-25 ќе слета на површината на Месечината за околу 10 дена.
Ракетата Сојуз 2.1б, која со себе во вселената ja носи лунарнарната сонда Луна-25, е поставена на лансирната рампа
Ова е прва руска месечева мисија по речиси половина век. Изминаа безмалку 47 години откако во август 1976 година беспилотниот лендер Луна-24 беше лансиран во време кога сè уште постоеше Советскиот Сојуз. Оттаму, можеби е и поточно да се каже дека ова е прва вистински руска лунарна мисија.
Лендерот Луна-25 ќе има специфична задача да демонстрира дека Русија е способна успешно да слета лендер на друго тело во Сончевиот систем и да ја потврди валидноста на лунарната програма на земјата. Сондата треба да се спушти во близина на лунарниот Јужен Пол, точка кон која целат и западните вселенски агенции како и Кина. Имено, Јужниот Пол на Месечината е погоден како место за изградба на човечка база, затоа што оттаму е секогаш можно да се набљудува Земјата, но и затоа што во некои кратери има присуство на мраз.
Избраната точка за слетување на Луна-25 е област лоцирана северно од кратерот Богуславски, но во случај да се покаже дека теренот на ова место е премногу нерамен за безбедно слетување, планот Б на Роскосмос е да ја спушти Луна-25 југозападно од кратерот Манцини.
Лендерот ќе ја проучува површината на Месечината до длабочина од околу 40 сантиметри, трагајќи по знаци за присуство на вода и со цел да го утврди хемискиот состав на почвата. За да го постигне ова, леталото има систем дизајниран да зема примероци од лунарниот реголит, кои потоа ќе ги гори и испарува со ласер. Инструментите ќе можат да откријат кои сѐ елементи се присутни, дури и ако нивната концентрација во почвата е само 0,005%.
Според плановите, лендерот треба да собере најмалку 11 примероци од местото на слетување. Друг инструмент ќе испушта неутрони кои, при интеракција со почвата до длабочина од околу еден метар, ќе можат да дадат информација за присуството на вода во форма на мраз, за инструментите на сондата. Трет инструмент ќе има задача ја мери радиоактивноста на површината на Месечината, детектирајќи го присуството на неутрони и гама зраци. Предмет на проучување ќе биде и егзосферата на нашиот природен сателит, односно мошне тенката атмосфера што го опкружува сателитот, со цел да се добијат информации за тоа што се случува во текот на денот и во текот на лунарната ноќ, и што се случува кога Месечината ќе ја премине магнетосферата на Земјата.
КАКО СЕ НАПРАВИ. Сондата Луна-25 е дизајнирана и развиена од НПО Лавочкин и се состои од два дела: горен, во кошто се сместени инструментите, и долен дел каде што се наоѓа погонскиот систем. Очекуван животен век на сондата е приближно една година (365 дена), период во кој Луна-25 ќе ги извршува своите должности во текот на лунарниот ден (кој трае 14,5 земјини денови), и во којшто ќе биде во постојан контакт со Земјата. Ноќе сондата ќе оди во мирување, чекајќи ја следната лунарна зора. За да ја преживее студената ноќ, мал радиоизотопски термоелектричен генератор ќе генерира енергија за сондата во текот на ноќта, додека во текот на денот дополнителна енергија ќе произведуваат серија од соларни панели. Дури осум камери ќе овозможат детално следење на сите фази од слетувањето но и од работата на површината.
И додека Русија се подготвува за лансирање на Луна-25, Јапонија развива сопствена лунарна сонда, паметен лендер за истражување на Месечината што треба да биде лансиран на 26 август, а во меѓувреме и индиската сонда Чандрајаан- 3 сѐ повеќе се доближува до Месечината, на чијашто површина би можела да слета на 23 август.