Последните поплави предизвикани од реткиот феномен „суперклеточна бура“ одново ја оживеаја старата теорија на заговор во врска со американскиот систем HAARP (High-frequency Active Auroral Research Program). Дали HAARP навистина може да влијае на времето? Краткиот одговор е не може, ниту пак е наменет за тоа. Ова го потврдуваат и руските научници, за оние коишто не им веруваат на американските.
Кога луѓето би знаеле каква е намената на HAARP-от, веднаш би изгубиле интерес за темата, сметајќи ја за здодевна и неинтересна. HAARP е пред сé инструмент за геофизички, поточно јоносферски истражувања. Односно се работи за радиопредавател со многу голема моќност, што служи за локално „греење“, т.е. модифицирање на јоносферата и редица други инструменти за следење на реагирањето на јоносферата на тоа модифицирање.
Геофизиката опфаќа повеќе науки за проучување на физиката на Земјата – од нејзината внатрешност (сеизмологија, вулканологија), атмосферата (најпозната е метеорологијата), јоносферата (проучување на простирањето на радиобрановите и аурората – тука доаѓа HAARP-от) и магнетосферата (магнетното и електромагнетното поле на Земјата, соларниот ветер, неговото содејство со магнетното поле на земјата – аурората и пореметувањето на простирањето на радиобрановите, но и на електропреносниот систем – далноводите во светот, влијанието врз сателитските комуникации и Интернетот итн.). На пример, следната година се очекува максимум на Сончевата активност, што во комбинација со геомагнеткото поле може да предизвика големи проблеми во радио комуникациите, Интернетот и снабдувањето со електрична енергија.
Сите посериозни држави имаат свои институти за геофизички истражувања. Во СФР Југославија, а денеска во Србија, постои институт за геомагнетни истражувања во Гроцка кај Белград. Ни малку не е изненадувачки што главни корисници на нивните истражувања беа ЈНА и МНР, поради радио-комуникациите на помали и поголеми растојанија. Затоа не треба да се чудиме што иницијатор за градбата на HAARP беше токму американската армија, иако од 2008 година системот е предаден на Универзитетот Фербанкс од Алјаска.
Инструментот за истражување на јоносферата (IRI), преден план и контролната зграда, позадината, во објектот на високофреквентната програма за истражување на ауроралната светлина (HAARP) во Гакона, Алјаска
Во Македонија, за жал, немаме институт за геомагнетски истражувања, што покажува на кое дереџе е донесена науката кај нас. Од геофизички испитувања единствено се вршат сеизмолошки и метеоролошки испитувања, колку да не бидеме без ништо, а наскоро можеме да останеме и без овие физичари поради слабиот интерес за студирање и ниските плати.
Неколку збора за HAARP. Неговиот претходник беше изграден на Алјаска уште во 1980-ите години и за него читав уште тогаш, во списанието „Радиоаматер“. За нас радиоаматерите тој беше интересна тема, бидејќи ни даваше подобар увид и разбирање на јоносферското простирање на радиобрановите. Ефективната иззрачена моќност на тој прв систем изнесуваше околу 60 MW, што за тоа време беше невидена моќност.
Но, HAARP беше многу поамбициозен проект. При моќност на предавателот од 3,6 MW, на фреквенција помеѓу 2,6 и 10 MHz и засилување на антената од 31,5 dBi (1400 пати), ефективната иззрачена моќност (EIRP) вертикално нагоре изнесуваше неверојатно високи 5,1 GW на највисоката фреквенција од 10 MHz! Во Норвешка има сличен систем со EIRP од 1 GW, како и постар систем во Русија со EIRP од 190 MW.
Поглед од птичја перспектива на јоносферскиот истражувачки инструмент (IRI) во објектот на високофреквентна програма за истражување на ауроралната светлина (HAARP) во Гакона, Алјаска. IRI е најмоќниот радиопредавател во светот и се користи да ја загрее јоносферата и да ги проучува физичките процеси кои работат во највисоките делови од атмосферата на Земјата
Антената се состои од матрица од 15 х 12 вкрстени диполи на површина од неколку хектари, а при засилување од 31,5 dBi (1400 пати) ширината на главниот сноп изнесува само околу 3 степени. На висина од од 350 km (далеку над атмосферата, каде што се случуваат сите метеоролошки феномени), тоа одговара на круг со дијаметар од одвај триесетина километри. Значи, не само што не може да се влијае на атмосферата, туку не може да се влијае ни на големи површини од јоносферата, туку одвај во околината на Фербанкс на Алјаска. Густината на флуксот на зрачењето на таа висина е помала од 3 uW/cm^2, што е далеку помалку (за 50 000 пати) од Сончевото зрачење, кое изнесува околу 0,15 W/cm^2). ХААРП најпрво ја „пече“ јоносферата, а потоа со други инструменти мери како слабее ефектот на ова „печење“ со текот на времето. Потоа се пресметуваат својствата на јоносферата на разни висини.
Единствен начин за јоносферски геофизички испитувања е со помош на радиобранови. Едноставно јоносферата, којашто е на висина од 50 до 600 km, е превисоко за испитување со атмосферски сонди (метеоролошки балони), а прениско за сателитски испитувања. Теоретичарите на заговор не веруваат дека една земја може да вложи толку многу пари за проучување да речеме на поларната светлина и простирањето на радиобрановите, туку секогаш во сé бараат некаква задна, скриена намера. Всушност, 250 милиони долари, колку што чинеше системот HAARP, за армијата се мали пари, колку 4 авиони Ф-16 за кои многу се зборува деновиве.
Иако главен корисник на јоносферските истражувања е армијата, сепак резултатите ѝ остануваат на светската наука, а тоа не може да се измери со никакви пари.
Реков дека темата е здодевна за повеќето луѓе, па кој што стигнал со читање дотука сфатил дека HAARP не може ниту да го модифицира времето, ниту пак се работи за некакво „вундервафе“ (чудо од оружје), кое што може да влијае на психата на луѓето итн. Но, тоа ќе го анализираме друг пат.
Поглед од птичја перспектива на јоносферскиот истражувачки инструмент (IRI) во објектот на високофреквентна програма за истражување на ауроралната светлина (HAARP) во Гакона, Алјаска. IRI е најмоќниот радиопредавател во светот и се користи да ја загрее јоносферата и да ги проучува физичките процеси кои работат во највисоките делови од атмосферата на Земјата