Тврдењето на еден јужнокорејски тим дека откриле суперпроводник кој функционира на собна температура и притисок прекуноќ стана вирусна сензација и поттикна голем број обиди за репликација како од страна на научниците така и од аматери. Но, првичните експериментални и теоретски напори за репродукција на впечатливиот резултат потфрлија, па истражувачите остануваат длабоко скептични кон тврдењето.
Тимот, предводен од Сукбае Ли и Џи-Хун Ким во старт-ап фирмата Quantum Energy Research Center во Сеул, ги објави нивните сензационални резултати на предпринт серверот arXiv на 25 јули, во кои тврди дека нивното соединение од бакар, олово, фосфор и кислород, наречено LK-99, е суперпроводник што функционира при амбиентален притисок и температури до најмалку 127 °C (400 келвини). Тимот вели дека примероците покажуваат две клучни знаци на суперспроводливост: нула електричен отпор и Мајснеров ефект, при кој материјалот исфрла магнетни полиња, поради што примероците левитираат поставени над магнет. При претходните обиди суперспроводливост беше постигната само кај материјали изложени на неверојатно ниски температури или под екстремно високи притисоци. Ниту еден материјал досега не бил потврден дека функционира како суперпроводник во амбиентални услови, односно на горе-долу собна температура.
Левитацијата е еден од карактеристичните белези на суперспроводливоста.
Наводната суперспроводливост на LK-99 во момент го привлече вниманието на научниците. „Мојот прв впечаток беше „не““, вели Ина Вишик, експериментатор со кондензирана материја од Дејвис Универзитетот во Калифорнија. „Овие „Неидентификувани суперспроводливи објекти“, како што понекогаш се нарекуваат, често се појавуваат на arXiv. Речиси секоја година има барем по еден нов“.
Напредокот во доменот на суперспроводливоста често се гледа низ призмата за нивно потенцијално влијание врз современите технологии како што се компјутерските чипови и маглев возовите, но Вишик истакнува дека таквата возбуда може да биде погрешна. Историски гледано, напредокот во суперспроводливоста имал огромни придобивки за основната наука, но малку во однос на секојдневната примена. Нема гаранција дека суперпроводникот на собна температура би имал практична употребна вредност.
Првите обиди за репликација на од LK-99 не ги подобрија изгледите за материјалот. Ниту една од студиите не дава директен доказ за каква било суперспроводливост. Притоа корејскиот тим не одговарал на барањето од научното списание Nature за коментар во врска со овој проблем.
Два одделни експериментални обиди, од тимови од Националната лабораторија за физика на Индија во Њу Делхи и од Универзитетот Беиханг во Пекинг, објавиле синтетизирање на LK-99, но не и дека забележале знаци на суперспроводливост. При третиот експеримент на истражувачите од Југоисточниот универзитет во Нанџинг, Кина, не бил забележан Мајснеров ефект, но била измерена речиси нула отпорност во LK-99 на температура од –163 °C (110 K), што е далеку од собна температура, но сепак и понатаму е мошне висока кога станува збор за суперпроводници.
Во расправата се вклучија и теоретичарите. Неколку студии користеле пресметковна техника наречена функционална теорија на густина (DFT) за да ја пресметаат електронската структура на LK-99. Пресметките на DFT покажале интересни електронски карактеристики кои, во други материјали, се поврзани со карактеристики како што се феромагнетизам и суперспроводливост. Но, ниту една од овие студии не најде докази дека LK-99 може да биде суперпроводник во амбиентални услови.
Ограничениот успех на обидите за репликација не ги потисна шпекулациите кои се шират на интернет. Непроверени видеа од примероци, кои наводно левитираат поради суперспроводливост, циркулираат како вирусен доказ, и покрај фактот што многу материјали и предмети можат да покажат слично магнетно однесување.
Претходните тврдења за постигната суперспроводливост на собна температура, вклучително и она што во март го изнесе контроверзниот физичар Ранга Диас, осамнаа на насловните страници ширум светот. Но, вниманието во врска со LK-99 го е уште поголемо од она кое го побудија неговите претходници.
Извор Nature