Најнапред замислете два реда облакодери високи по 500 метри – колку за претстава, њујоршката Емпајер Стејт Билдинг се извишува ‘само’ 381 метар. Помеѓу овие два реда кои се протегаат како хоризонтална линија 170 км вдолж пустината, предвиден е внатрешен „отворен“ простор широк 200 метри, наменет за транспортни средства и точки на среќавање. Ете, тоа е Линијата (The Line), футуристичкиот град кој веќе се гради, дизајниран од саудискиот принц Мохамед Бин Салман и претставен како еколошки рај. Но, дали навистина ќе биде така? Една студија објавена неодамна во Nature ги анализирала и добрите и лошите страни на проектот, а заклучоците не се воопшто позитивни.
Во видеопрезентација на проектот, промоторската компанија Неом (со која претседава принцот) зборува за Линијата како самоодржлив град, со нула јаглеродни емисии, а во него сите основни услуги ќе бидат на дофат на деветте милиони жители во рок од само пет минути, со пешачки патеки и автоматизирани возови што ќе ги поврзуваат двете крајни точки од градот.
Визија за изгледот на внатрешноста на Линијата
Според студијата во Nature, овие ветувања не се целозно возможни. Имајќи предвид дека Линијата ќе има густина на населеност од 265 000 луѓе на км2, што е десетпати повеќе од Менхетен, доколку би избрале двајца граѓани по случаен избор, тие во просек би биле оддалечени 57 километри еден од друг. Според авторите, многу попрактичен проект би бил кружен град со радиус од 3,3 километри, во кој растојанието помеѓу кои било двајца луѓе би било во просек 2,9 километри, што ќе им овозможи на околу четвртина од жителите да се движат пеш.
Визија за изгледот на Линијата
Неом ветува и супербрз воз што ги поврзува двата краја на градот за само 20 минути. Меѓутоа, со оглед на објавените податоци, ова ветување е неостварливо. За да можат сите жители удобно да стигнат до најблиската постојка, треба да има најмалку 86 постојки, што значително би ја намалило максималната брзина што возот ја постигнува помеѓу две застанувања. Според анализата на Nature, на најмалку 47% од населението би им требале минимум 60 минути поминати во движење некоја произволна точка А до точка Б, само поради линеарниот распоред на градот. Ова е многу лош резултат ако се направи споредба со другите метрополи, како Сеул (Јужна Кореја), на пример, каде на 25 милиони жители им се потребни максимум 50 минути за да се стигнат од едно до друго место во рамки на градот.
Детаљ од анализата на проектот објавена неодамна во Nature
Што се однесува, пак, до еколошкиот аспект на проектот, иако принцот ветува дека Линијата и целиот комплекс Неом (кој ќе се протега на 26 500 км2 во регионот Табук) ќе се напојува со 100% обновлива енергија и нема да емитува CO2, изградбата на објектите во рамки на проектот е нешто сосема друго. Имено, реализацијата на проектот ќе опфати големи поместувања на земјиштето, поставување на огромни инфраструктури за транспорт на возила, енергија, вода и отпад и употреба на колосално количество материјали при чиешто производство се испушта CO2.
Накратко, Линијата се рекламира како футуристички град во кој граѓаните ќе живеат без стрес, во склад со околината, но она што го открива независната студија, овие ветувања се мошне поразлични од реалноста.