Рубрика: Медицина
Уште една терапија за забавување на Алцхајмеровата болест
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.07.2023 - 15:00

Експерименталната нова терапија за Алцхајмерова болест умерено го забавува когнитивниот пад кај пациентите кои се во раните фази на Алцхајмеровата болест. Лекот од фармацевтската компанија Ели Лили, наречен donanemab, претставува моноклонално антитело (модифицирано антитело добиено во лабораторија), специјализирано за расчистување на мозокот од наслагите со бета амилоид, отпадниот протеин кој ги задушува невроните во првата фаза на деменција од типот Алцхајмер. Но, терапијата со себе носи и сериозни несакани ефекти.

Во студијата, објавена овој месец во медицинското списание JAMA, лекот е посочен како посоодветен за употреба во почетните стадиуми на болеста, кога мозокот сè уште не е погоден од неврофибриларните танглици (заплеткувања) што ги формира еден друг протеин – тау. Клиничкото испитување од Фаза 3 кое вклучило 1736 пациенти, покажало дека редовните инфузии на антитела ја забавуваат прогресијата на когнитивниот пад за 35% кај луѓето со горенаведените карактеристики, во споредба со земањето плацебо. Оваа стурија е потврда на прелиминарните резултати за примената на donanemab, кои беа објавени во соопштение за медиумите во мај оваа година.

Пациентите, не многу диверзифицирани по етничко потекло (91% од нив биле белци), биле регрутирани од 8 различни земји. По случаен избор им била доделена терапија со donanemab (една инфузија на секои 4 недели) или плацебо. Само 1320 го комплетирале испитувањето, а од нив само 622, всушност, примале терапија.

Алцхајмерова болест: невротоксични наслаги од амилоид бета протеин

Иако сите учесници имале симптоми на Алцхајмерова болест во раната фаза и дијагностички тестови кои ја потврдувале акумулацијата на протеинот амилоид во мозокот, тимот ги поделил пациентите во две групи врз основа на количеството на формирани заплеткувања на тау протеинот кои биле забележани при прегледот со ПЕТ (Позитронска емисиона томографија). Имено, како што напредува Алцхајмеровата болест, тау протеинот почнува да не функционира во невроните и да формира невротоксични грутчиња. Било откриено дека третина од учесниците имаат висока патологија на тау и, како што се очекувало, donanemab бил најмалку ефикасен во оваа група, а најефикасен кај оние со ниска или средна акумулација на тау протеин.

Кај сите учесници имало просечно забавување на когнитивниот пад за 22 до 29 проценти. Овие резултати се слични со оние добиени при примена на моноклоналното антитело леканемаб (lecanemab) – третман што неодамна беше одобрен од американската Агенција за храна и лекови (FDA) за третирање на Алцхајмеровата болест. Но, во групата пациенти со ниско до средно тау, забавувањето на когнитивниот пад изнесувало 35%–36%, во зависност од когнитивните тестови што се користат за мерење на прогресијата на Алцхајмеровата болест. Притоа, за третираните учесници било потребно да поминат некаде помеѓу 4,5 до 7,5 месеци повеќе за тие да покажат исто ниво на загуба на когнитивните и функционалните потешкотии во споредба со плацебо групата.

Како и во случајот со lecanemab, резултатите од студијата предизвикаа мешани чувства, од ентузијазам до претпазливост. Ова се должи на тоа што примената на donanemab вклучува и можни сериозни несакани ефекти, меѓу кои и церебрален едем и крварење/хеморагија (во жаргон наречени амилоидни абнормалности на слика или amyloid-related imaging abnormalities – ARIA), при што сериозноста на несаканите последици се движи од асимптоматски до смртоносни. 37% од пациентите третирани со моноклонални антитела се развиле некои од несаканите ефекти, иако многумина немале никакви симптоми. Една четвртина од учесниците третирани со donanemab пријавиле едем на мозокот, а од нив, четвртина искусиле симптоми како главоболки и конфузија. Три лица починале од едем и крварење/хеморагија кои биле предизвикани од терапијата.

Конечно, студијата ја тестирала можноста за прекин на третманот – што во реални услови може да се случи од различни причини, вклучително и појава на негативни ефекти, превисоки трошоци на терапијата што пациентот веќе не може да ги поднесе, до тешкотии во администрацијата на лекот што би значеле дека терапијата мора да се прекине на неодредено време. По 6 или 12 месеци, пациентите биле подложени на ПЕТ преглед и, кога амилоидните наслаги биле значително намалени, без нивно знаење и знаење на лекарите тие биле терапирани со плацебо инфузии. Во преостанатите месеци од испитувањето, падот на нивните когнитивни способности не бил побрз од оној кај лицата кои продолжиле да бидат третирани со donanemab. Ова значи дека треба да е можно да се скрати времето на лекување или да се прекине ако е тоа нужно.

Donanemab чека сега чека официјално одобрување од FDA, што би можело да се случи во текот на оваа година.

Иако не се работи за чудотворен лек против Алцхајмеровата болест, која останува прогресивна и неизлечива болест, слично како и другите терапии со моноклонални тела, donanemab нуди можност да се продолжи времето во кое квалитетот на животот на пациентите со Алцхајмер е подобар. По децении на перспективни лекови кои се покажаа бескорисни, за многумина од експертите кои работат на оваа проблематика, оваа можност што ја нудат моноклоналните терапии не е мала работа.

Клучни зборови: