Можеш ли повторно да почнеш да свириш пијано по претрпен мозочен удар? Тим научници од Катедрата за механичко и поморско инженерство при Универзитетот Атлантик во Флорида развија роботска ракавица наменета за реобука на рацете на луѓето кои претрпеле мозочен удар. Ракавицата може да им помогне на пациентите да ги повратат своите моторни вештини, а особено е корисна за оние чијашто професија е поврзана со музиката. Како и кај добар дел од неодамнешните иновации, роботизираната рака користи вештачка интелигенција, која во комбинација со таканаречената „мека роботика“ го овозможува концептот на иновативната „паметна ракавица“.
Протезата, тешка само 191 грам, поседува интелигентен егзоскелет опремен со 16 тактилни сензори и мек пневматски активатор за секој врв од прстите. Интегрирани со технологијата за машинско учење, тие ефикасно помагаат за одново да се стекнат моторните функции на раката што биле изгубени по невролошка траума.
Ракавицата е дизајнирана да помага и, пред сè, да ги подобри природните движења на раката, овозможувајќи му на носителот автономност при движењето на екстремитетот. Во суштина, интелигентната протеза претставува своевидена водилка за раката на која ѝ дава поддршка, зајакнувајќи ја.
Пред да биде тестиран на пациенти, уредот бил трениран да свири едноставна мелодија на клавишите, така што откако ќе се постави, ракавицата може да ја води раката, насочувајќи ја кон правилните движења. Јасно е дека технологијата од овој тип ќе може да се користи и надвор од музичката сфера. Секоја година само во Соединетите Држави речиси 800 000 луѓе се погодени од мозочен удар и ако ним им се овозможи пристап до слична алатка при нивниот процес на рехабилитација, тие многу полесно повторно би ја стекнале функционалноста на екстремитетот за активности во секојдневниот живот, како ракување со прибор за јадење или четка за заби, на пример.