Остатоци од нешто за што се верува дека е најраната мешавина од зачини се пронајдени во Југоисточна Азија. Микроостатоците пронајдени на камени алатки за мелење содржат повеќе зачини, меѓу кои куркума, ѓумбир, прстест ѓумбир, мала галанга (песочен ѓумбир), галангал, каранфилче, морско оревче и цимет. Мешавината од зачини која датира од пред 2000 години, е пронајдена на археолошкиот локалитет Ок Eo во јужен Виетнам. Анализите беа објавени деновиве во списанието Science Advances.
Првиот автор на научниот труд, Веивеи Ванг е докторант на Австралискиот национален универзитет. Таа вели дека откритието дава нов увид во трговските мрежи од тоа време, како и за улогата на зачините во животот на луѓето. Имено, како што вели таа нивната студија укажува на тоа дека “карито најверојатно било увезено во Југоисточна Азија од мигранти за време на периодот на ран трговски контакт преку Индискиот Океан. Со оглед на тоа што овие зачини потекнуваат од различни локации, јасно е дека луѓето патувале на долги растојанија заради трговија“.
Плоча со постолје изработена од песочник наменета за мелење зачини (76 x 31 см) пронајдена во 2018 година. На нејзината површина се идентификувани скробни зрна ѓумбир, цимет и морско оревче.
Зачините биле посакувани производи во античките цивилизации. Глобалната трговија со зачини ги поврзувала културите и економиите во Азија, Африка и Европа уште од време на антиката, а новото откритие го сместува пристанишниот град Ок Eo во ртангот на важните културни и трговски крстопати, и место кое имало важна улога во трговијата со зачини.
Заедно со античките состојки за кари, истражувачите пронашле и значителен број на добро сочувани семиња, при што семињата беа толку свежи што археолозите речиси не можеле да поверуваат дека се стари цели 2000 години. Научниците се надеваат дека понатамошната анализа ќе може да идентификува повеќе зачини и дека можеби ќе открие и уникатни растителни видови.
Она што ќе ги интересира гастрономите и сладокусците помеѓу вас е дека рецептот за кари се чини дека не се променил многу во текот на изминатите милениуми. Имено, зачините што се користат денес не отстапуваат значително од оние во време на цутот на Óc Eo.
Поимот „кари“ станал малку поопшт кога европските трговци во 17-тиот век, збунети од зачинетите, солени јадења на индискиот потконтинент и другите делови на Азија, ги именунвале сите со еден ист термин. Но, во основа, зборот најверојатно потекнува од тамилскиот збор „кари“, што значи сос.
Во 2010 година, археолозите со анализа на скроб го рекреираа најстарото кари (како зготвено јадење) во светот – јадење со модар патлиџан, ѓумбир и куркума. За овој “потфат” била вршена молекуларна анализа на садови и друг прибор за јадење пронајдени во археолошкиот локалитет Фармана, близу Њу Делхи во северна Индија, кои датираат од пред 4500 години.