Пред неколку дена на една австралиска плажа морските бранови исфрлија голем метален цилиндар и речиси моментално се појавија различни хипотези во врска со природата на овој мистериозен објект. Големиот метален предмет, чија природа и потекло сè уште не се знае, се насука на плажата во Грин Хед, Западна Австралија, и веднаш поттикна низа теории, некои дури и смешни, на социјалните мрежи. Австралиската вселенска агенција (АСА) се уште истражува а се шпекулира дека можеби станува збор за вселенски отпад, односно отфрлен дел од ракета.
Првично, АСА внимателно ги советуваше сите кои се наоѓаа во близина на местото, сместено 250 километри северно од Перт, да се држат подалеку од објектот, со оглед на тоа што не може да се исклучи можноста непознатиот објект да е опасен. По ова, и откако објектот беше разгледан од поблиску, локалните пожарникари го прогласија за безбеден, иако полицијата продолжи да го надгледува за да се избегне евентуално негово оштетување коешто би можело да го попречи неговото идентификување.
Објектот има форма на цилиндар со висина од 2 метри и пречник од 2 метри, покриен со своевидна купола на врвот. Неговото откритие се случи набргу по прелетот на лунарната мисија Чандрајаан 3 на Индиската агенција за вселенски истражувања, што би можело да укажува на некаква врска.
Сепак, присуството на веќе формираната оплата од варовник и слуз која се нафаќа на карпи и пловечки објекти како последица тоа што ракчиња и школки се лепат на нив и ги покриваат, укажува дека оваа „олупина“ била во океанските води доволно долго за да се исклучи каква и да е врска со индиската мисија која се упати во правец на Месечината во петокот. Но, ракетните степени од претходните обиди сосема извесно слетале во Индискиот Океан, па можноста овој објект да потекнува од една од овие мисии е во моментов водечка хипотеза.
Меѓу помалку веродостојните хипотези има и такви кои претпоставуваат дека објектот е можеби парче од авионот MH370 кој исчезна во 2014 година или дека е дел од некоја нафтена платформа.
Некои техничари на Европската вселенска агенција, запрашани на оваа тема, потврдија дека според обликот и димензиите би можело да станува збор за горниот степен од некоја од индиските ракети што биле користени во минатото, дури и пред 20 години. Со оглед на тоа што ракетните степени од објектите лансирани од Индија е мошне веројатно да паднале во Индискиот Океан, од каде подоцна, поради сложената мрежа на морски струи, по игра на случајот, дел од нив да завршуваат заглавени во Западна Австралија.