Колкава е сличноста помеѓу новата апликација на Инстаграм, Тредс (Threads), со Твитер? Во предупредувачкото писмо за прекин и откажување објавено минатата недела, Твитер се закани со правна постапка против матичната компанија на Инстаграм, Мета, поради новата апликација Тредс којашто дава предност на текстуалното изразување. Од Твитер велат дека апликацијата е копија на нивниот модул.
Тредс оваа недела веќе брои сто милиони корисници откако пред 7 дена беше лансиран како најнов ривал на платформата на Илон Маск.
Креаторите на Тредс ги отфрлаат обвинувањата, а американските правни експерти велат дека целата работа сè уште крие многу непознаници. Засега, „сѐ е под некаков голем знак прашалник“, изјавил за Асошиетед прес Џејкоб Ноти-Виктор, вонреден професор на Правниот факултет Кардозо при Универзитетот Јешива, и експерт за интелектуална сопственост.
Луѓето, пак, кои започнаа да го истражуваат Тредс, веќе ги даваат и своите први впечатоци и забелешки. Според Александра Попкен, поранешна вработена во Твитер, една од битните разлики се луѓето што го користат Threads. Во суштина се работи за публика од Инстаграм која сега се става во нова апликација заснована на текст, додека кај Твитер според нејзе, публиката во најголем дел ја сочинуваат луѓе заинтересирани за политика, познати личности и зависници од вести.
Иако креаторите на Тредс велат дека баш и не се особено заинтересирани од платформата да направат политички форум, се очекува сепак да привлечат на неа добар дел од новинарите и политичарите кои, меѓу другото, бараат алтернатива на Твитер.
Во писмото од средата упатено до извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, адвокатот кој го застапува Твитер, Алекс Спиро ја обвини Мета дека незаконски ги користела трговските тајни на Твитер и друга интелектуална сопственост, ангажирајќи поранешни вработени на Твитер за создавање “фотокопија” на апликацијата.
Во одговор на твитот за можно покренување на правна постапка против Мета, Маск напиша: „Конкуренцијата е во ред, мамењето не е“.
Портпаролот на Мета, Енди Стоун, во четвртокот одговори со објава на Тредс велејќи дека „никој од инженерскиот тим на Тредс не е поранешен вработен во Твитер“.
Од писмото на Спиро, до кое во четвртокот прв дојде порталот Семафор, тешко може да се каже кои би биле трговските тајни. Спиро вели дека поранешните вработени на Твитер „несоодветно си ги задржале“ документите и електронските уреди од компанијата – укажувајќи на тековните обврски за доверливост. Меѓутоа, во писмото нема директно посочување за прекршување на каков било обврзувачки договор, а повеќето неконкурентни клаузули, на пример, се забранети во Калифорнија.
Освен тоа, и покрај сличностите на Threads со Twitter, „идејата за создавање платформа за социјални медиуми која вклучува текст, сама по себе секако не е нешто што би било деловна тајна“, додава Ноти-Виктор.
Тој е скептик во поглед на прекршувањето на интелектуалната сопственост од слични причини, истакнувајќи дека компаниите „не можат да патентираат нешто што е очигледно“ или да тврдат дека имаат авторски права на општа идеја за платформа за социјални медиуми. Авторското право може да го заштити изворниот код и текстот на веб-локацијата, но Ноти-Виктор вели кај Тредс не гледа такво нешто.
И експертите додаваат дека компаниите во Силиконската долина постојано прават производи или услуги инспирирани од верзиите на конкурентите.
Мета има историја на стартување на самостојни апликации што ги отсликуваат конкурентите, иако многу од нив подоцна се затворија.
Надвор од наводите за нарушување на трговска тајна и интелектуална сопственост, Спиро пишува и дека на Мета ѝ е забрането „да се вклучи во какво било индексирање или преземање на податоци за следбениците на Твитер или следење податоците“. Тој вели дека писмото претставува „официјално предупредување“ за Мета да ги зачува документите релевантни за потенцијален спор меѓу компаниите.
Правните експерти во САД шпекулираат дека потегот на Твитер би можел делумно да се однесува на публицитет, како и дека претставува стратешки одговор како во правната така и во деловната сфера. Правниот тим на Маск направи слични потези и претходно, како што е писмото во мај до Мајкрософт во кое се предупредува на наводна злоупотреба на податоците на Твитер за обука на системи за вештачка интелигенција.
Меѓу оние кои го подигнаа прашањето за тоа дали се работи за клонирање или не оваа недела беше соосновачот на Твитер и поранешен извршен директор Џек Дорси, кој се пошегува во твит: „Сакавме летечки автомобили, наместо тоа добивме 7 клонови на Твитер“.