Во рамки на набљудувањата за истражувањето Cosmic Evolution Early Release Science, вселенскиот телескоп Џејмс Веб ја забележа досега најоддалечената супермасивна црна дупка – ситна девијација што се изнедрила околу 570 милиони години по Биг бенгот. Но, ова не е единствено изненадување. Црната дупка, сега именувана како CEERS 1019, има девет милиони пати поголема маса од нашето Сонце!
Иако за човечкиот ум оваа маса може да изгледа монструозно голема, таа и не е особено невообичаена ако се спореди со другите супермасивни црни дупки расфрлани ширум нашето небо. Имено, масата на некои од нив е речиси една милијарда пати поголема од масата на Сонцето. Ако го имате ова предвид, веднаш ќе сфатите дека и изненадувањето на CEERS 1019 е во тоа што таа е “мала”.
Слика од длабоката вселена направена од вселенскиот телескоп Џејмс Веб. Слика: NASA, ESA, CSA, Steve Finkelstein (UT Austin), Micaela Bagley (UT Austin), Rebecca Larson (UT Austin)
Постоењето на објекти како CEERS 1019 се претпоставуваше долго време, но сѐ досега ја немавме технологијата што ќе овозможи тие да излезат на виделина. Во таа насока не изненадува и веста дека рекордот на 1019 мошне веројатно ќе биде засенет во наредните недели, со оглед на тоа што НАСА потврди дека и неколку други црни дупки се предмет на набљудување и анализа.
Имено, како дел од истражувањето CEERS на НАСА, со примена на вселенскиот телескоп Џејмс Веб, беа откриени и две други далечни црни дупки. Ситните црни дупки биле забележани во галаксиите CEERS 746, којашто се формирала милијарда години по Големата експлозија, и CEERS 2782, која се формирала околу 100 милиони години подоцна. Овие две супермасивни црни дупки поседуваат околу 10 милиони соларни маси.
Вселенскиот телескоп Џејмс Веб изврши и повеќе набљудувања во нашето непосредно соседство, па така НАСА неодамна објави спектакуларни снимки од прстените на Сатурн направени во блиското инфрацрвено спектрално подрачје.
На сликата на Сатурн добиена од JWST забележливи се детали во системот од прстени околу планетата, како и месечините Диона, Енцелад и Тетис. Слика: NASA, ESA, CSA, STScI, Matt Tiscareno (SETI Institute), Matt Hedman (University of Idaho), Maryame El Moutamid (Cornell University), Mark Showalter (SETI Institute), Leigh Fletcher (University of Leicester), Heidi Hammel (AURA). Image processing: J. DePasquale (STScI).
Се работи за први слики од овој вид на втората по големина планета на Сончевиот систем. Снимките го прикажуваат во ново светло спектакуларниот златен гасен џин каков што го познаваме од поконвенционалните снимки. Ова е затоа што светлината на Сонцето воглавно се апсорбира од атмосферата на Сатурн, па планетата изгледа затемнета кога се набљудува со уреди кои даваат поглед во блиското инфрацрвено подрачје. Со оваа, најнова снимка на Сатурн, JWST го комплетираше албумот со снимки блиското инфрацрвено подрачје на сите гасни џинови од Сончевиот систем.