При новите ископувања во Помпеја, се појави приказ на нешто кое изгледа како предок на современата пица. Тркалезна подлога од леб со дебел „венец“, посипана со бели и црвени елементи... но дали тоа навистина би можело да биде пица насликана на фреската неодамна откриена во Помпеја? Дури и тоа да им изгледа така на нашите очи, сепак такво нешто е невозможно велат италијаните. А тие би требало да знаат најдобро, нели? Имено, како што тие истакнуваат во тоа време сѐ уште немало моцарела и домати. Сепак, сликата со мотив на “мртва природа”, што сега може да се забележи речиси насекаде низ интернетот можеби и има некаква далечна врска со омиленото неаполското јадење, кое доби место на листата на светско нематеријално културно наследство.
Фреската, која се наоѓала на ѕидот на древна помпејанска куќа, била откриена за време на новите ископувања спроведени во инсула 10 од регија IX во Помпеја (археолошкиот локалитет е поделен на девет области наречени „регии“, од кои секоја пак поделена на блокови или „инсули“). На неа е прикажан, се чини, сребрен послужавник на кој е поставен пехар со вино до рамна, тркалезна фокача, прелиена со овошје (нешто што наликува на урми и калинка) и зачини. Распослано по прото-пицата има можеби и песто, коешто се споменува во литературните извори како мешавина од билки, лук и сирење, наречена моретум и на сликата означена со жолтеникави и окер точки. На послужавникот има и сушено овошје, урми, калинки и венец од жолти бобинки.
Оваа чинија стара 2000 години е дел од прецизната сликовна традиција од хеленистичко потекло (3-1 век п.н.е.), поточно онаа на ксениите – подароци (вообичаено земјоделски производи) кои им се нуделе на гостите за да се чувствуваат како дома, а се составен дел од заедницата што се посетувала.
Фреската е исцртана на ѕидовите од помпејанската куќа, недалеку од античка пекара. © Археолошки парк Помпеја (pompeiisites.org)
Овој обичај имал света конотација за Грците. Ксенијата била обврска да им се понуди гостопримство на патниците и да се однесува кон нив со почит, а тоа го гарантирал никој друг туку Зевс. Околу 300 слични прикази се познати во градовите под Везув, но оваа последнава е впечатлива по квалитетот на сликарската изведба.
Овие дарови честопати имале и жртвен карактер. Како што во една статија објавена во Е-дневник на ископувањата на Помпеја за откритието пишуваат археологот Алесандро Русо и директорот на Археолошкиот парк во Помпеја, Габриел Цухтригел “сликата од Casa dei Cervi во Херкуланеум ја поврзува мртвата природа со ксенија со статуата на Дионис, што го прави жртвен карактерот на експлицтната понуда“.
И затоа, она што на сликата е претставено тешко дека може да се смета за пица, во секој поглед. Фактот дека постои жртвен леб што се користи како сад или чинија (маса – mensa, на латински) во којшто е ставена друга храна се чини дека се потврдува и во еден пасус од Вергилиј. Имено во Енеида (книга VII, стих. 128) авторот го опишува доаѓањето на Тројанците на бреговите на Лацио: „Енеј, врховните водачи и Луло се опуштија под гранките на едно мошне високо дрво: тие ја приготвуваат храната, ставајќи големи пченични фокачи [лебови] небаре маси (како ги советува Јупитер) и ги наполнија со житарки и овошје. Потоа, откако ја конзумираа таа сиромашна храна, гладот ги натера да загризат во тенките лепчиња кршејќи го работ. Оф леле, рече Луло на шега, ги јадеме нашите маси“.
Слично како и кај пицата, со скромна подлога и богат покрив, видлив е контрастот помеѓу штедроста на прикажаното јадење, скромна храна добиена од земјата, и софистицираноста на сребрените послужавници и книжевната традиција од која е инспирирана сликата. Авторите пишуваат: „Масата во сцената на која се прикажани бесквасните лебови, фокачите, тревките и лозата, на крајот, изгледа можеби не толку различно, со задолжителна резерва, од судбината на пицата во нашата сегашност, која го виде овој “сиромашен“ оброк како ги освои кујните на главни готвачи ширум светот, за конечно во 2017 година да биде препознаен како „традиционална уметност на неаполскиот производител на пица“ и дел од културното наследство на човештвото".