Зборови, реченици, разговори за чет, е-пошта, социјални медиуми – системите за вештачка интелигенција предлагаат зборови, комплетираат реченици или создаваат разговори. Во пракса, човечката комуникација сѐ повеќе се меша со јазикот генериран од вештачката интелигенција. Една студија ја анализираше нашата способност да ги препознаеме различните видови текст генерирани од вештачка интелигенција објавени на платформите за онлајн запознавање, професионално пребарување и сместување за одмор. Резултати? Некои работи можеби е и подобро да не ги знаеме...
Како што се вели во студијата објавена неодамна во журналот Proceedings of the National Academy of Sciences луѓето генерално можат да распознаат дали текстот е напишан од вистинска личност или од вештачка интелигенција и тука застануваме ако сакате да ги знаете само добрите вести. Лошата вест е што може да го погодите само секое второ обраќање што е генерирано од ВИ.
Имено, во обидот да препознаеме дали некој текст е генериран од вештачката интелигенција, не се потпираме на случајноста, туку следиме одредени параметри. Па така претпазливи сме кон текстовите напишани во прво лице и кои се граматички премногу точни, но и кон употребата на јазик кој е премногу фамилијарен и неформален. Факт е дека вештачката интелигенција ја тренираме ние и поради оваа причина нè доведува во заблуда: „ВИ може да создаде текстови кои се ‘почовечки’ од оние напишани од луѓе“, нагласува Џефри Хенкок, еден од авторите.
Тогаш, како можеме да научиме да правиме разлика помеѓу вештачки креирани текстови и оние кои се создадени од човек? Според истражувачите, одговорот не мора да биде компликуван. Тие предлагаат неколку опции. Една од опциите е да ѝ се даде на вештачката интелигенција препознатлив акцент, нешто налик на оној што ви овозможува да ги разликувате Британците и Американците, што може да функционира кај генерираното говорно обраќање. Секако, засега генерираниот говор е релативно лесно препознатлив, но што е со пишаниот? Па, тука се предлага вметнување на своевиден воден печат во текстот, во вид на повторена шема на зборови, букви или интерпункциски знаци што ќе овозможат полесно препознавање.