На фосилизирана нога од хоминин се забележани засеци што веројатно биле направени од камени алатки. Ова може да биде најраниот доказ дека древните луѓе меѓусебно се касапеле и го јаделе месото од други.
Коската на хоминин, стара 1,45 милиони години, опишана во трудот објавен оваа недела во Scientific Reports, има исекотини слични на траги од касапење пронајдени на фосилизирани животински коски од приближно исто време. Засеците се наоѓаат на место соодветно за отстранување на мускулите, што укажува дека се направени со намера за двоење од трупот за храна.
„Најлогичен заклучок е дека, како и другите животни, овој хоминин бил обработен за да се изеде“, вели коавторот на студијата, Бриана Побинер, палеоантрополог од Институтот Смитсонијан во Вашингтон. Како што додава таа откритието е „искрено, многу шокантно и изненадувачки, но мошне возбудливо“.
Побинер испитувала збирка фосили во Националниот музеи на Кенија во Најроби во потрага по белези од каснување од животни кога нашла на неочекуваните линеарни ознаки долги неколку милиметри во фосилот на тибија што припаѓала на неидентификуван вид хоминини. Побинер заклучила дека парчињата не личат на каснувања од животни, туку наликуваат на некои за кои се знае дека се направени со камени алатки.
Малите линеарни белези на оваа фосилизирана коска од нога можеле да бидат направени со помош на камени алатки. Фото: Jennifer Clark
Таа направила отпечатоци од карактеристиките и ги споредила со базата на податоци, подготвена од нејзините колеги, во која биле вклучени речиси 900 белези направени врз современи коски со различни методи. Истражувачите заклучиле дека два од 11-те белега биле од каснување од лав, но дека другите 9 биле направени со камени алатки, што укажува на тоа дека е сосема можно дека една единка касапела друга. Авторите ги исклучиле другите процеси на сечење, како што се абење или флеки што ги оставиле луѓето кои ракувале со коската откако остатоците биле откриени; бојата на белезите се совпаѓа со онаа од површината на коската, што покажува дека се со иста старост, укажува Побинер.
Претходни докази за касапење меѓу хоминините се пронајдени на локации во Европа и Африка. Овие показатели вклучуваат исеченици на череп на хоминин пронајден во Јужна Африка, кој датира од времето пред помеѓу 1,5 милиони до 2,6 милиони години, иако постои несогласување меѓу истражувачите за староста на фосилот и потеклото на белезите.
Според Џесика Томпсон, палеоантрополог на Универзитетот Јеил во Њу Хевен, Конектикат, контекстот и положбата на гребаниците на тибијата се важни за да се разбере зошто тие можеби се направени. Претходните анализи на други археолошки локалитети покажале дека месото можело да биде отстрането од коските поради ритуални или погребни причини во древните хоминински општества. Но, овие однесувања сè уште не се забележани кај хоминините пронајдени во Кенија од околу времето на раниот Плеистоцен. Понатаму, ознаките се наоѓаат таму каде што започнува поплитеусниот мускул на ногата, во близина на телото. За да се направи овој жлеб, секачот мора прво да го отстрани поголемиот мускул гастрокемиус – веројатно добар извор на месо.
Ако засеците се резултат на касапење меѓу раните луѓе, сепак не може со сигурност да се каже дали тие се пример за канибализам, бидејќи видот од којшто потекнува тибијата е непознат. Но, наодите нудат увид во древното човечко однесување, како што се нивните навики за собирање храна.
Зересенај Алемсегед, палеоантрополог од Универзитетот во Чикаго, Илиноис, предупредува дека овие заклучоци доаѓаат од само еден фосил. Според него со истражување кое ги анализира постоечките и новите фосили ќе се расветли дали раните хоминини покажале вакво однесување или се работи за нешто сосема друго.
Извор Nature