Компјутер и човечки мозок комуницираат преку употреба на чип... Научна фантастика? Не повеќе. Neuralink, старт-ап компанијата во сопственост на Илон Маск, би можела да дојде на чекор од поврзување на главите на група волонтери со неговите компјутери, со цел да ги натера да комуницираат во реално време со вештачката интелигенција. А неодамна, за да го стори ова, компанијата доби “амин” и од американската Агенција за храна и лекови (FDA).
Имено, едвај пред нешто повеќе од две недели, официјалниот Твитер профил на Neuralink објави дека добил овластување од FDA да ја тестира својата технологија врз човечки суштества, нагласувајќи во исто време дека сѐ уште не се започнати процедурите за регрутирање волонтери.
„Возбудени сме што можеме да споделиме дека добивме одобрение од FDA да го иницираме нашето прво клиничко испитување на луѓе!“, стои во твитот. „Ова е резултат на неверојатната работа направена од тимот на Neuralink во тесна соработка со FDA и претставува важен прв чекор што ќе и овозможи на нашата технологија да им помогне на многу луѓе еден ден. Фазата на регрутирање за нашето клиничко испитување сè уште не е отворена. Наскоро ќе објавиме повеќе информации за ова!“
We are excited to share that we have received the FDA’s approval to launch our first-in-human clinical study!
This is the result of incredible work by the Neuralink team in close collaboration with the FDA and represents an important first step that will one day allow our…— Neuralink (@neuralink) May 25, 2023
Но, за што се работи? Калифорниската компанија, основана во 2016 година, се занимава со дизајнирање и вградување електронски уреди директно под кожата и поврзување на мозокот со специјално креиран софтвер. Првите прототипови, со големина на паричка, се вметнати во черепот на пар прасиња и неколку мајмуни, од кои овие вторите се чини дека сега можат да играат основни видео игри или да пишуваат зборови на екранот, со маневрирање на курсорот со едноставното движење на очите. Ветувачки резултат.
Сепак, ова се само првите чекори од една многу подолга патека. Во замислата на оние кои управуваат со приватната компанија со седиште во Фремонт (Калифорнија), следните чекори предвидуваат сè подлабоко вкоренета врска, што на крајот води кон маневрирање на роботски елементи и насочување на компјутерските со единствена моќ на мислата. Примарната цел би била да им се помогне на луѓето кои се парализирани или страдаат од невролошки заболувања повторно да се движат и да комуницираат. Благородна цел, но која е испреплетена со комплицирани етички и морални прашања, кои се наѕираат од зборовите на Илон Маск, според кој овие чипови треба да му овозможат на човештвото да постигне „симбиоза со вештачката интелигенција“.
Изјавата на Маск, иако застарена, имајќи предвид дека зборовите биле кажани на годишната конференција на компанијата во 2020 година – повторно стана мошне актуелна во овој историски период кога вештачката интелигенција е во центарот на дебатата.
„Уверени сме дека уредот на Neuralink е подготвен за луѓето“, објави сопственикот на Tesla, Space X и Twitter во еден твит кон крајот на ноември 2022 година. „Тајмингот зависи само од процесот на одобрување на ФДА“.
И сега, кога одобрението конечно пристигна, сите чекаме да видиме што ќе се случи. Засега Маск се ограничи на јавна честитка упатена до тимот на Neuralink, како и досега преку неговата социјална платформа Твитер.
Congratulations Neuralink team! https://t.co/AWZGf33UDr
— Elon Musk (@elonmusk) May 26, 2023