Рубрика: Медицина
Црниот биланс на епидемијата на ковид-19 во Македонија
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 10.06.2023 - 15:15

Одамна не сме ја разгледале состојбата со одвишната смртност над очекуваната сезонска смртност. Големите бројки на починати од ковид се дефинитивно зад нас, па веќе можеме да подвлечеме црта и да го измериме конечниот црн биланс на епидемијата на ковид-19 во Македонија. На крајот ќе видиме и за колку години во просек им бил скратен животот на починатите од ковид.

Високата одвишна смртност практично заврши во септември 2022 година со потсојот БА5 на сојот омикрон. На вториот дијаграм со сива линија е претставена необјаснетата одвишна смртност – починати кои не биле официјално заведени како жртви на ковидот. Но, бидејќи оваа необјаснета одвишна смртност се совпаѓала со објаснетата одвишна смртност (официјалните ковид жртви), за време на петте главни ковид-бранови, јасно е дека тоа се исто така ковид жртви, директни и индиректни (од самиот ковид, но и поради нелекување на други болести за време на епидемијата).

Во секој случај, пресметките кажуваат дека вистинската смртност од ковид била за просечно 74% над официјалната ковид смртност (со 95% интервал на доверба помеѓу 64,2% и 83,8%). Применувајќи ги овие проценти после септември 2022 до 7.5.2023 (официјалниот крај на епидемијата во Македонија), доаѓаме до најверојатниот број на починати од ковид, којшто изнесува околу 16 877 (со 95% интервал на доверба помеѓу 15 901 и 17 852 починати).

Тоа одговара на изгубено население колку град со големина на Струга, а во однос на вкупното население на државата од 1,8 милиони жители, значи дека Македонија изгубила околу 0,94% од своето население, односно 940 на 100 000 луѓе. Со тоа се наоѓаме на ВТОРО МЕСТО ВО СВЕТОТ според одвишната смртност, веднаш после Бугарија, а пред останатите словенски, односно источноевропски земји Литванија, Русија, Србија, Босна и Херцеговина, Грузија, Хрватска и Црна Гора (извор: Економист , со забелешка дека тие не го земаат нашиот вистински број на жители од 1,8 милиони, туку грешно пресметуваат со 2,08 милиони жители, па „неправедно“ нé рангираат на петто место). Инаку, „Економист“ пресметува дури и малку поголема одвишна смртност во Македонија (17 080) во однос на погорните пресметки.

Да видиме сега нешто ново, што досега не сме го анализирале. Ако до септември 2022 зборувавеме за необјаснета одвишна смртност, оттогаш наваму забележуваме необјаснет кусок на смртност, односно умираат помалку луѓе од очекуваната сезонска крива (сивата линија на вториот дијаграм последниве месеци континуирано е под нулата).

Ова значи дека луѓето од ковид умирале предвреме, односно пред средно-статистички очекуваното време. Дури можеме да направиме и почетни пресметки колку време порано умреле починатите од ковид. Последниве месеци кусокот на смртност изнесува помеѓу 105 и 131 починат месечно, односно на годишно ниво од 1260 до 1572 (просечно 1417) починати помалку. Од друга страна, поради ковид-19 за 2,5 години умреле отповеќе помеѓу 15 901 и 17 852 (средно 16 877) лица.

Ќе видиме до кога ќе трае овој кусок на смртност, но засега изгледа дека предвреме починатите 16 877 лица ќе ја намалуваат сезонската смртност во наредните 16 877/1417 = 11,9 години. Така доаѓаме до просечното скратување на животниот век на починатите од ковид за време на епидемијата во Македонија. Помладите повеќе, а постарите помалку, но во просек починатите би живееле уште по 12 години подолго доколку не умреле од ковид-19.

Инаку, некои прелиминарни проценки од странство кажуваат дека векот на жртвте им бил скратен дури и повеќе, просечно за цели 15 години.

На крај да кажеме дека ова се сепак почетни проценки, а поточна слика ќе имаме дури откако просечната месечна смртност ќе се врати на нормалната сезонска крива. Но, тоа сигурно ќе потрае неколку години.

Клучни зборови: