Поради една ретка состојба, поврзана со Алцхајмеровата болест, еден човек се чувствува заробен во бескрајна временска јамка – ги преживува истите настани и ги гледа истите луѓе одново и одново. Нешто слично како во “Денот на мрмотот”, филмот од 1993 година.
Осумдесетгодишникот, чијшто случај беше детално опишан во студијата објавена неодамна во BMJ Case Reports, сфатил дека нешто не е во ред кога забележал дека неговиот читач на е-книги секогаш ја покажува истата страница од книгата. Меѓутоа, кога го однел на поправка, техничарот го уверил дека уредот работи совршено. Тој, исто така, побарал и поправка на телевизорот, тврдејќи дека на него секогаш ги гледа истите вести: „Каде и да одам, секогаш ги наоѓам истите луѓе на тротоарите, истите автомобили на патот, истите возачи во иста облека, кои ги изговараат истите работи“, објаснува пациентот.
Откако го анализирале случајот, истражувачите заклучиле дека станува збор за состојба на „déjà vécu“ (веќе изживеано, фран.јазик), ретка болест која за првпат била опишана во 1896 година како „патолошка форма на дежа-ву“.
За разлика од попознатото дежа-ву, кое дава впечаток дека веќе сте виделе нешто што се случува, дежа веку е длабоко чувство на постојано преживување на секој настан во животот.
Меѓу првите симптоми на болеста, човекот забележал дека неговиот читач на е-книги секогаш му ја покажува истата страница. Спојлер: Тоа не било точно
Причините за болеста не се сосема јасни, но според некои тие може да се проследат наназад до дисфункција на хипокампусот, делот од мозокот кој помага краткорочните сеќавања да се претворат во долгорочни сеќавања. Невропсихолошката анализа на мажот открила губење на меморијата, импулсивно однесување и когнитивно опаѓање; Скенирањето на мозокот открило невообичаено ниска активност во левиот темпорален и фронтален лобус, како и неколку абнормалности на десната страна.
Оваа патологија понекогаш се забележува кај невродегенеративните болести како што е Алцхајмеровата болест, во која клетките на нервниот систем престануваат да работат и на крајот умираат.
Тестовите спроведени од авторите всушност ги истакнале знаците на Алцхајмерова болест во мозокот на пациентот: во цереброспиналната течност откриле намалено ниво на протеинот бета-амилоид 42 и многу високи нивоа на тау протеин – обата показатели за болеста.
Случајот на осумдесетгодишникот не е единствениот познат случај на дежа веку. Сличен случај е опишан и во 2021 година каде 84-годишна Холанѓанка им приоѓала на странци на улица убедена дека се нејзини познаници. Но, оваа студија, сепак, е прва што ја документира мозочната активност при скенирања, ја анализира цереброспиналната течност на пациентот и вклучува неколку невропсихолошки тестови.
Иако мажот бил подложен на имунотерапија, третман што вообичаено се користи за уништување на малигните клетки на туморот, ситуацијата не се подобрила, а пациентот продолжил да покажува знаци на Алцхајмерова болест и во следните четири години.