Едно истражување за прерано стареење, спроведено со глувци, покажа дека дишењето на воздух во кој има ниски концентрации на кислород овозможува до 50% подолг живот... кај истите глувци
Луѓето отсекогаш биле во потрага по еликсирот на животот и методите што би ни овозможиле поздрав и подолг живот. Некои неодамнешни истражувања покажаа дека за продолжување на животниот век на клетките во нашето тело, корисни може да бидат одредени лекови како метморфинот, лек наменет за лицата кои страдаат од дијабетес, или пак мешањето на три различни лекови како што се рифампицин, рапамицин и алантоин.
Некои истражувања, исто така, укажуваат дека дишењето помалку кислород, одржувањето на неговата концентрација далеку под типичните 21% од воздухот што го вдишувате на нулта надморска висина, може да го продолжи животот на некои животни, како што се овошните мушички или црвите. Сега една студија објавена во PLOS Biology дополнително ја истражува врската помеѓу кислородот и долговечноста кај цицачите, спроведувајќи експерименти на глувци и откривајќи дека оние изложени на атмосфера со помалку кислород всушност живеат подолго.
Епидемиолошките набљудувања веќе покажаа дека луѓето кои живеат на големи надморски височини, каде што воздухот е потенок и затоа вдишуваат помалку кислород, имаат тенденција да живеат подолго и помалку да се разболуваат. Истражувачите сакале да испитаат дали во контролирана средина, намалувањето на кислородот ги има истите ефекти кај глувците.
За оваа цел научниците анализирале сој на глувци кои стареат предвреме, умираат на возраст од 3-4 месеци наспроти просечниот животен век од околу две години на обичните глувци. На возраст од четири недели, истражувачите ги затвориле глувците во хипоксична комора со концентрација на кислород од само 11%, односно во околина налик на локалната атмосфера типична за надморски височини од околу 5000 метри.
Вообичаениот просечен животен век на овие глувци бил околу 16 недели, но глувците што живееле во хипоксичната комора умирале во просек по 24 недели, што значи дека дошло до ефективно зголемување на нивниот животен век за 50%! Притоа глодарите не само што живееле подолго, туку ја подобриле и својата невролошка функција, што било докажано со тестовите за координација и сила.
Спортисти кои тренираат на голема надморска височина во Сент Мориц, Швајцарија, на височина од 1856 m фото: Christof Sonderegger von Photoplus.ch
За да видат дали има други споредни фактори за намалувањето на кислородот, истражувачите проверувале дали глувците јаделе помалку храна од нормалното (нискокалоричната исхрана го продолжува животот кај многу животни), но фактите говореле за сосема спротивен случај.
Со анализа на оштетувањето на ДНК, генската активност и промените во клеточните сигнални патишта, авторите можеле да формулираат некои хипотези, но не и да добијат дефинитивен одговор.
Следниот чекор е да се испита дали дишењето помалку кислород исто така го продолжува животот и кај дивите глувци, како и подобро дефинирање кои механизмите одговорни за овој ефект на долговечност како и испитување на нивното влијание врз сите органи.