Некои академици ги поздравија предложените планови за отворен пристап. Но, претставниците на издавачката индустрија предупредуваат дека тие се нереални и им недостигаат детали.
Советот на министри на Европската унија го повика блокот да имплементира модел на академско-издаваштво „без плаќање“ што нема да носи никаков трошок ниту читателите ниту за авторите. Препораките, дел од збирот принципи за објавување научни трудови, усвоени од советот на 23 мај, не се правно обврзувачки и беа поздравени од некои членови на академската заедница. Но, претставниците на издавачите велат дека предлогот е нереален и дека советот не навел некои клучни детали, меѓу кои и како би се финансирал еден таков модел.
Принципите се наведени во документот за научно објавување, изработен од Советот на Европската Унија – форум за министри од секоја земја-членка кој преговара и спроведува закони за ЕУ. Таквите документи, познати како „заклучоци“, имаат за цел да постават насока на политиката низ целиот блок. Пред да бидат усвоени, заклучоците на советот минуваат низ рунди нацрти и ревизии, за кои во секоја фаза дискутираат претставници од земјите-членки и министрите за европски прашања.
Следејќи го овој процес, Советот препорача Европската комисија и земјите-членки да спроведат модел со отворен пристап и непрофитен модел за објавување на истражување.
Силна поддршка
Организациите, меѓу кои и Германската истражувачка федерација (DFG), ги поздравија принципите. Во соопштението, DFG рече дека ги поддржува „значајните препораки“. „Во никој случај не треба да се појави ситуација во која достапноста на средствата го одредува учеството во академскиот дискурс“, се вели во извештајот.
Ваквите изјави покажуваат „силна политичка поддршка“ за научно издаваштво со отворен пристап, вели Винсиан Гајард, заменик директор за истражување и иновации во Европската универзитетска асоцијација (ЕУА) во Брисел, која претставува повеќе од 850 институции.
Сепак, претставниците на издавачката индустрија велат дека импликациите од препораките на советот не се целосно разгледани.
Заклучоците се загрижувачки бидејќи тие поддржуваат потег што би укинал една индустрија и предлагаат изградба на нов издавачки систем без појаснување околу тоа како би се обезбедиле средства за него, вели Керолин Сатон, главен извршен директор на STM, членска организација од индустријата академско издаваштво со седиште во Хаг, Холандија. Една од наведените цели на политиката е намалување на трошоците, но сепак „не е направена соодветна економска анализа“, вели таа. „Често е претставено како оваа алтернатива да е бесплатна“.
STM, исто така, е загрижена дека овој потег ќе ги елиминира независните европски издавачки компании и ќе доведе до систем дефиниран од државата, што може да ја спречи академската слобода. Предупредува дека износот на јавни средства што им се потребни на земјите-членки или институциите за да создадат места за чување на академските истражувачки трудови е тешко да се измери.
Роб Џонсон, консултант за издаваштво во Research Consulting во Лафборо, Велика Британија, се согласува дека на принципите им недостига прецизирање за тоа како моделот без плаќање би се постигнал во пракса. „Постои признание дека треба да се движиме подалеку од [наплатата за обработка на напис] APC“, вели Џонсон, „Прашањето е: како тоа да се прави?“
Фокус на интегритетот
Заклучоците, исто така, ја нагласуваат важноста на интегритетот на истражувањето во публикациите и им препорачуваат на земјите-членки да вложат напори да се справат со предаторските списанија и фабриките за научни трудови – компании или поединци кои изработуваат научни трудови по нарачка.
Акцентот врз интегритетот е важен, вели Џонсон. Како што повеќе издавачи воведоа наплата на трошоци за обработка на написите за трудови со отворен пристап, „загриженоста е што стимулациите ги има само за објава на сѐ повеќе и повеќе, а квалитетот и проверките не се на нужно место“, вели тој. „Има многу во заклучоците за правичноста. Има многу за интегритетот и довербата. Мислам дека е важно да се види дека овие работи одат рака под рака“.
Временската рамка за какви било промени во политиката на ЕУ е нејасна во документот. „Тоа го менува фокусот и акцентот, а голем број работи ќе почнат да се менуваат“, вели Џонсон. Тој потсетува на настаните што доведоа до имплементација на Планот С, иницијатива започната во 2018 година од европските национални финансиери за истражување, според која резултатите од секое истражување што тие го финансираа требаше да бидат објавени со отворен пристап. Џонсон вели дека ова уследило по заклучоците од 2016 година на Советот на ЕУ, кои повикуваат на преоѓање кон непосреден отворен пристап. Планот С на крај поттикна промена кон отворен пристап во издавачката индустрија, но за тоа беше потребно време. „Гледате кон петгодишна временска рамка за заклучоците на Советот да почнат да имаат материјално влијание“, вели тој.