Меѓународен тим од научници пронашол докази кои укажуваат дека планетите можеле да се формираат за време на таканареченото „космичко пладне“. Во нивната студија, објавена во списанието Nature Astronomy, групата користела податоци од вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) за проучување на дел од Малиот Магеланов Облак за да дознае повеќе за развојот на планетите околу младите ѕвезди.
Долги години, астрономите го проучуваат создавањето на планетите и веројатноста за постоење на планети слични на Земјата. Но, сè уште не е јасно како би можеле да постојат планети во раниот универзум кога повеќето, ако не и сите ѕвезди, биле мали. Во ова истражување, научниот тим се фокусирал на дел од ноќното небо познат како Мал Магеланов Облак (ММО), џуџеста галаксија во непосредно соседство на Млечниот Пат. Поконкретно, тие го насочиле своето внимание на дел од ММО наречен NGC 346, составен од стотици млади ѕвезди со мала маса со цел да дознаат дали во овој предел се формираат планети. За оваа цел тие ги разгледале податоците добиени од JWST.
Мозаик-слика на NGC 346 добиена со помош на инструментот NIRCam на JWST. Извор Nature Astronomy (2023). DOI: 10.1038/s41550-023-01945-7
Претходните истражувања покажаа дека планетите се формираат со акретација на материјалите добиени од и околу ѕвездата. Но, истражувачите веруваат дека за формирање на планета и материјалите треба да “се погодат”, односно да има изобилство од алуминиум, силициум и железо. Се сметаше дека таквите материјали се дефицитарни во околината на малите, млади ѕвезди, што би значело дека околу нив сосема извесно нема да се формираат планети.
Научниците ги разгледале инфрацрвените податоци од JWST, кои овозможиле поглед во внатрешноста на облаците од прашина што вообичаено ги опкружуваат малите, млади ѕвезди во развој и откриле дека досегашните претпоставки се погрешни. Имено, податоците открија докази дека во ММО се присутни карпести елементи во формирање и покрај недостатокот на метали. Овие елементи се слични на материјалите пронајдени во галаксиите кои се многу подалеку. Се верува дека таквите материјали се карактеристични за периодот на универзумот познат како „космичко пладне“, кога огромен број ѕвезди се формирале ширум целиот универзум. Ова значи дека и многу планети можеби се формирале околу нив во истиот овој период.