Рубрика: Историја и археологија
Гривните на египетската кралица Хетеферес ги откриваат древните трговски мрежи
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.06.2023 - 17:45

Оригиналната нараквица (десно) и репродукција на електротип направена во 1947 година (лево)

Нови информации за трговските мрежи во старото кралство Египет се откриени со анализа на гривните стари 4600 години пронајдени во гробницата на древната египетска кралица Хетеферес I.

Хетеферес била една од најважните кралици во древен Египет. Таа била сопруга на кралот Снеферу од четвртата династија и мајка на Кеопс (познат и како Куфу), чие владеење е познато по изградбата на големи структури, како Големата пирамида во Гиза.

Гробницата на Хетеферес датира од 2 600 п.н.е. и ја има најголемата и најпознатата колекција на сребрени артефакти од раниот Египет. Нејзините нараквици се дел од накитот пронајден во гробницата кога таа за првпат била откриена во 1925 година. Нараквиците биле испитувани со децении, но дури сега со користење на современи металуршки техники било возможно да се одреди нивното потекло.

Нараквици во погребната комора на гробот G 7000X, откриени од Џорџ Рајснер во 1925 година. Фото: Мустафа Абу ел-Хамд, 25 август 1926 г.

Истражувачите од меѓународниот тим се послужиле со нови слики и анализи на изотопот на олово за да го одредат составот, потеклото и процесите на производство на нараквиците.

Накитот е изработен првенствено од сребро со траги од бакар, злато и олово, а украсени се со форми на полумесечини во тиркизна боја, лапис лазули и карнелијанска иконографија, што го потврдува египетското потекло на накитот. Но, иако Египет е богат со злато, регионот нема локални извори на сребро. Наместо тоа, било откриено дека мерењата на оловниот изотоп на металот се конзистентни со сребрените руди извадени од рудниците на Кикладите, сега дел од егејските острови во Грција.

Потеклото на среброто што се користело за артефактите во текот на третиот милениум остана мистерија до сега“, вели д-р Карин Совада, од Универзитетот Меквари. „Ова ново откритие за првпат го покажува потенцијалниот географски опсег на трговските мрежи што ги користела египетската држава за време на раното Старо Кралство во екот на ерата на градење пирамиди“.

Со оглед на неговото егејско потекло, истражувачите веруваат дека среброто било испратено до пристаништето Библос во денешен Либан, каде што конечно било купено, што е најран доказ за трговијата на далечина помеѓу Египет и Грција.

Оригиналната нараквица што се чува во Музејот за ликовни уметности во Бостон на која е прикажана пеперутка обложена со тиркизна боја, лапис лазули и карнелијан (десно). Гривната лево е репродукција на електротип направена во 1947 година. Фотографии: Музеј на ликовни уметности, Бостон, мај 2023 г.

Беа анализирани примероци од колекцијата на Музејот за ликовни уметности во Бостон, а скеновите направени со електронски микроскоп покажуваат дека гривните биле изработени со чекан се техника на ладно обработување на метал со често жарење за да се спречи кршење“, вели професорот Демијан Гор, исто така од Универзитетот Меквари. „Гривните, исто така, веројатно биле збогатени како легура со злато за да се подобри нивниот изглед и можноста за обликување при изработката“.

Гробницата на Хетеферес била откриена во 1925 година. Освен накитот внатре имало импресивни парчиња мебел, како и најстариот пример на недопрени канопски садови пронајдени од древниот Египет. Американската експедиција која ја открила гробницата го пронашла белиот саркофаг од алабастер празен. Една од теориите е дека телото на Хетеферес и нејзините златни украси биле ограбени веднаш по нејзиното погребување, па затоа е мошне значајно тоа што биле пронајдени уникатните нараквици.

Истражувањето е објавено во Journal of Archaeological Science: Reports.

Клучни зборови:
Оригиналната нараквица (десно) и репродукција на електротип направена во 1947 година (лево)

Оригиналната нараквица што се чува во Музејот за ликовни уметности во Бостон на која е прикажана пеперутка обложена со тиркизна боја, лапис лазули и карнелијан (десно). Гривната лево е репродукција на електротип направена во 1947 година. Фотографии: Музеј на ликовни уметности, Бостон, мај 2023 г.

Нараквици во погребната комора на гробот G 7000X, откриени од Џорџ Рајснер во 1925 година

Нараквици во погребната комора на гробот G 7000X, откриени од Џорџ Рајснер во 1925 година. Фото: Мустафа Абу ел-Хамд, 25 август 1926 г.