Иако мнозинството велат дека не ги читаат коментарите, полесно е тоа да се каже отколку да се направи. Многумина од тенисерите ги споделуваат своите животи на интернет, давајќи им на следбениците поглед во она што се случува на турнирите. Тоа е начин навивачите да се чувствуваат поблиски до играчите, и обратно. Но, кај некои по натпреварот – победи или загуби – пораките добиваат сосема поинаков тон.
На почетокот на мај, Американката Тејлор Таунсенд сподели видео од смртна закана и расистичка злоупотреба што ја добила во е-пошта.Која беше причината? Таунсенд доживела пораз во третото коло на Отвореното првенство на Италија.
„Мислам дека фановите би биле многу изненадени да видат какви коментари добиваме, не само од нас, туку и од членовите на нашето семејство“, вели тенисерката број шест во светот, Кори Коко Гоф. „Затоа се трудам да ја заштитам својата приватност што е можно повеќе, бидејќи не сакам да ги подложам моите пријатели и семејството на тоа”.
Оваа година организаторите на Отвореното првенство на Франција на играчите на турнирот им понудија вештачка интелигенција да им помогне во заштитата од злоупотреба на социјалните мрежи. Но, како тоа функционира и колку играчите ќе се чувствуваат комфорно да ја користат оваа алатка?
Технологијата Bodyguard (Телохранител) има за цел да ги филтрира навредливите коментари на Facebook, Instagram, Twitter, YouTube, Tiktok и Discord. Играчите можат да скенираат QR-код за да ги поврзат нивните сметки на социјалните мрежи со системот, за кој компанијата вели дека го анализира секој коментар во реално време за помалку од 200 милисекунди и ги блокира навредливите забелешки. Компанијата вели дека тим од лингвисти создал обрасци на зборови кои можат да се ажурираат во реално време за да ѝ помогнат на програмата да ги филтрира навредливите коментари: „Целта е да обезбедиме ништо да не се протне низ мрежата но истовремено без сè да биде претерано цензурирано“.
Отвореното тениско првенство на Франција е првиот од четирите Грен слем турнири што ја воведува оваа можност, а извршната директорка на Француската тениска федерација, Каролин Флесиер, истакна дека менталното здравје на играчите е „приоритет за Ролан Гарос“.
Додека социјалните медиуми им овозможуваат на играчите да бидат подостапни, тие исто така ги изложуваат на поголем притисок од навивачите. Тенисот е спорт во кој се играат натпревари речиси цела година, што го прави многу привлечен за казината.
„Веројатно се обложиле на мене. А потоа ми пишуваат луди пораки“, вели поранешната шампионка на Отвореното првенство на Франција и светска тенисерка број 17, Јелена Остапенко. „Не ми е грижа што велат луѓето на социјалните мрежи кога го губам натпреварот. Можеби не ми е добар ден или нешто не е во ред, а тие тоа не го знаат“.
Светскиот рекет број еден и бранител на титулата, Ига Свјонтек, е една од тенисерките кои се пријавија на програмата Телохранител.
„По турнирот го имав овој ритуал за да видам што мислат луѓето за моите натпревари. Но, сега престанав да го правам тоа“, вели Ига. „Имав, не знам, два турнира. Едниот го освоив, на другиот бев во финалето. Отидов на социјалните мрежи и луѓето беа несреќни затоа што после минатата година мислеа дека треба да освојам сè [или] дека сум најлоша само затоа што не победувам. Малку ме исфрустрира и сфатив дека нема смисла да ги читам сите тие коментари. “
Свјонтек ја нарече апликацијата „чекор напред во вистинската насока“.
„Тажно е да се види дека она што требаше да нè направи среќни и да нè дружи предизвикува повеќе негативни чувства и мисли“, додава тенисерката. „Така што мислам дека апликациите како оваа можеби ќе ни помогнат да ги користиме социјалните медиуми и да не се грижиме за тие работи.”
Минатогодишната вицешампионка Коко Гоф вели дека иако се восхитува на Отвореното првенство на Франција затоа што „влегува и наоѓа начини да ги заштити играчите“, таа нема да ја користи апликацијата Телохранител бидејќи веќе презела чекори за филтрирање на пораките на Инстаграм.
„Искрено, не гледам премногу лоши пораки на интернет. Пред да го применам [филтерот], да, ги добивав на Инстаграм речиси секојдневно, на секој час“, додава таа. „Филтрирам сè – пораките што ги гледам се само луѓе кои ме следат подолго време. Мора да бидете прилично посветена личност за да оставите коментар со омраза – ќе треба да ме следите подолго време за да го направите тоа“.
Четирикратната Гренд слем шампионка Наоми Осака сподели бројни примери на злоставувања кои ги претрпела, додека Серена Вилијамс беше предмет на постојани дискусии за нејзиниот изглед и настап на теренот во текот на нејзината кариера.
Но, злоупотребата на Интернет не е само тениско прашање – ниту е нов концепт. Фудбалерите сè почесто зборуваат на оваа тема, особено откако англиските играчи Маркус Рашфорд, Џејдон Санчо и Букајо Сака беа расно малтретирани на интернет по нивниот пораз во финалето на ЕП 2020 од Италија.
Голем број клубови и раководни тела ги бојкотираа платформите на социјалните мрежи во обид да донесат промени. Платформите за социјални медиуми рекоа дека се посветени на борбата против злоупотребата, а во 2021 година Инстаграм воведе и алатка која им овозможува на корисниците автоматски да ги филтрираат навредливите пораки од оние што не ги следат на платформата. Сепак, може да се направи повеќе.
Во мај, поранешната олимписка шампионка Моника Пуиг одговори на објавата на Таунсенд, повикувајќи ги АТП и ВТА да направат повеќе за да ги заштитат играчите. Портпаролот на ВТА рече дека раководното тело соработува со компанија за проценка на ризик и управување за да ги затвори сметките на социјалните медиуми кога тоа е оправдано.
„Безбедноста на играчите е приоритет број еден на ВТА“, додаде портпаролот. „ВТА работи на едукација и советување на играчите за ова прашање веќе неколку години, бидејќи бројот на засегнати играчи продолжува да расте, и тоа е важно прашање што го сфаќаме многу сериозно“.