Колку тежи Њујорк? Притисокот на Големото јаболко врз тлото на кое почива е поголем отколку што досега се сметаше. Имено, Њујорк тоне бавнo и непрекинато, со брзина од 1-2 милиметри годишно. Облакодерите што го чинат карактеристичниот хоризонт на Големото јаболко тежат небаре огромни камења врз земјата на која лежат и придонесуваат за феноменот на слегнување – прогресивно тонење на копното и на островите што го поддржуваат градот на устието на реката Хадсон.
Ова е наведено во студијата објавена во Earth's Future, која го пресмета влијанието на зградите врз феноменот кој долго време се поврзува со градот Њујорк.
Најприродна причина за тонењето е набивањето на седиментите врз кои градот почива, под дејство на товарот. Според анализата спроведена од Том Парсонс, геолог на Геолошкиот институт на САД и неговите колеги од Универзитетот во Роуд Ајленд, темелите на Њујорк се поставени на сложена подлога што вклучува песок, кал, глинени наслаги и карпи. Областите каде подлогата се состои главно од глинести наслаги и вештачки полнила, се особено склони кон тонење споредено со карпестата подлога, која не придонесува многу за појавата или со поеластичните почви кои, откако ќе се деформираат од тежината, се враќаат на претходното ниво. Просечната вредност на потонувањето на овој тип почва во долниот дел на Менхетен е 294 милиметри, практично колку еден стандарден линијар.
Колку тежат облакодерите? Научниците ја пресметале кумулативната маса на над еден милион облакодери во Њујорк и таа изнесува 764 милијарди килограми. Притоа во пресметката се земени само зградите – патиштата, мостовите, железничките линии, тротоарите и сите други елементи од инфраструктурата на метрополата биле исклучени од пресметките. Тимот потоа го поделил градот на мрежа со квадрати од по 100 метри на секоја страна и ја претворил масата за секој од нив во притисок, земајќи го предвид и придонесот на гравитацијата.
Со споредба на резултатите со сателитски податоци, кои прецизно ја мерат сегашната и историската височина на различни области на градот, била рафинирана картата на слегнување на Њујорк. Заклучокот е мошне предвидлив – понатамошните градежни потфати само би ја влошиле ситуацијата: „Поентата на студијата е да се подигне свеста дека секој нов облакодер изграден во зоната на крајбрежјето, вдолж брегот на реката или езерото може да придонесе кон зголемување на идниот ризик од поплави“, потпомогнато со зголемувањето на нивото на светските мориња како последица од глобалното затоплување.
Всушност, поголемиот дел од центарот на Њујорк се наоѓа на едвај 1 или 2 метри надморска височина и ако се продолжи со понатамошно непречено оптоварување на земјиштето, тешко дека ќе се најде бариера што би ги задржала поплавите во иднина.