Рубрика: Географија
Најстариот глобус на светот наскоро под заштита на УНЕСКО
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.05.2023 - 14:15

Бехајмовиот глобус или Ердапфел е најстариот во целост зачуван глобус на светот

Бехајмовиот глобус, изработен во периодот од 1490 до 1492 година, се смета за првиот глобус кој низ вековите преживеал до денешните денови. Официјалното име на глобусот е Ердапфел (Erdapfel) што буквално би се превело како земјено јаболко. Наскоро овој предмет може да биде прогласен за Светско документарно наследство (World Documentary Heritage site) од страна на УНЕСКО.

Глобусот го изработил Мартин Бехајм (Martin Behaim), роден во Нирнберг на 6 октомври 1459 година (починал во Лисабон, 29 јули 1507). Бехајм бил германски морепловец, картограф и астроном, како и трговец, кој живеел во Нирнберг, Германија. Двете полутопки на глобусот се изработени од ламиниран лен, а потоа тие се споени и зајакнати со дрво по што врз топката била поставена мапата насликана од Георг Глокендон. Картата била нацртана на хартија што потоа била залепена врз слој пергамент поставен околу глобусот.

Бехајмовиот глобус или Ердапфел – најстариот во целост зачуван глобус на светот, лево, и Мартин Бехајм (1459 – 1507), десно

Од моментот кога глобусот бил изработен до почетокот на 16 век, тој останал во приемната соба на градското собрание на Нирнберг, а потоа станал дел од имотот на семејството Бехајм. Во 1907 година, глобусот конечно бил префрлен во Германскиот национален музеј во Нирнберг. Во 1992 година, глобусот привремено се нашот на Технолошкиот универзитетот во Виена каде, во рамките на проектот Бехајм Дигитал Глоуб, бил проучуван во висока резолуција. Во 2011 година Германскиот национален музеј започна со втора дигитализација на глобусот.

Со оглед на тоа што во времето кога овој глобус бил изработуван морепловецот Кристофер Колумбо сѐ уште не бил вратен во Шпанија, што се случило во март 1493 година, Американскиот континент не е претставен на глобусот. Па така, земјината топка претставена со овој глобусот дава слика на мошне широк евроазиски континент и целосно празен океан, без острови, помеѓу Европа и Азија. Наспроти тоа, Јапонија и азиските острови се несразмерно големи.

Современа рекреација на парчињата од кои е сочинета картата  на Ердапфел

Интересно е тоа што на овој глобус е вклучен и приказ на митскиот остров Сан Брандано. Приказната за овој остров не им е позната на сите. Легендата вели дека Сан Брандано претставува “рибен остров” лоциран западно од Африка. Островот го добил името по ирскиот монах кој, според приказните, завршил на него за време на неговата пловидба што ја започнал од брегот на Европа. Свети Брандан од Клонферт, како што всушност се викал протагонистот на оваа фантастична приказна, не сфатил дека не стои на остров туку на грбот од огромен кит.

Како што е најавено, извршниот совет на УНЕСКО ќе се состане во Париз од 10 до 24 мај оваа година за да разговара, меѓу другото, и за новите дополнувања на Меѓународниот регистар на светската меморија на УНЕСКО (UNESCO International Memory of the World Register).

Терестријални глобуси биле правени уште од антиката, но ниту еден од овие глобуси не преживеал, а досега не се најдени ниту фрагменти од нив. Најстар небесен глобус е Фарнескиот атлас, кој преживеал од вториот век на нашата ера до денешни дни.

Клучни зборови:
Бехајмовиот глобус или Ердапфел е најстариот во целост зачуван глобус на светот

Бехајмовиот глобус или Ердапфел е најстариот во целост зачуван глобус на светот 

Бехајмовиот глобус или Ердапфел е најстариот во целост зачуван глобус на светот

Бехајмовиот глобус или Ердапфел е најстариот во целост зачуван глобус на светот 

Бехајмовиот глобус, изработен во периодот од 1490 до 1492 година

Бехајмовиот глобус, изработен во периодот од 1490 до 1492 година

Мартин Бехајм (1459 – 1507)

Мартин Бехајм (1459 – 1507)

Современа рекреација на парчињата од кои е сочинета картата  на Ердапфел

Современа рекреација на парчињата од кои е сочинета картата  на Ердапфел

Океанската област онаква како што е претставена на глобусот Мартин Бехаим.

Океанската област онаква како што е претставена на глобусот Мартин Бехаим.