Рубрика: Електроника
Работилница „Развојни Микропроцесорски Системи“ во организација на ФЕИТ-ФАБЛАБ и Логинг Електроникс
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 19.05.2023 - 01:30

Средношколци и професори од 11 технички училишта од Македонија учествуваа на специјализирана едукативна практична работилница „Развојни Микропроцесорски Системи“. Оваа работилница, по четврти пат, ја организираа ФЕИТ-ФАБЛАБ и компанијата Логинг Електроникс во рамките на нивниот партнерски проект „Технологија за Тебе“.

Училишта кои учествуваа на работилницата се: СЕТУ „Михајло Пупин“– Скопје, СУГС „Владо Тасевски“– Скопје, СОСУ „Илинден“– Илинден, СОУ „Гошо Викентиев“– Кочани, СОУ „Гостивар“- Гостивар, СОУ „Ѓорче Петро“– Крива Паланка, СОТУ „Ѓорѓи Наумов“– Битола, ОСТУ „Наце Буѓони“– Куманово, ССОУ „Коле Неделковски“– Велес, СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип и СОУ „Ристе Ристески Ричко“ – Прилеп

Деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски ги поздрави учесниците на работилницата, мотивирајќи ги да продолжат со образование на техничките факултети.

Ги едуцираме, но и мотивараме младите средношколци да останат и студираат во Македонија. И тука имаат можности многу да научат и да бидат во контакт со најновите технолошки решенија, исто како нивните колеги од други развиени држави. Нашиот факултет се грижи за потенцијалите на младите и за можноста да се реализираат во земјава“, кажа Ташковски.

Идејата за овој настан се родила во 2017 година, а прв пат е реализиран година дена подоцна. Извршниот директор на Логинг Електроникс, Златко Крстевски, вели дека идејата на овој проект е технологијата, поточно микропроцесорските системи, да ги направи достапни за младите генерации во нивната практична едукација.

На овој начин, практично, ја внесуваме технологијата во постоечкиот образовен процес во средните училишта. Секоја година, како компанија, донираме опрема на сите средни технички училишта, кои работат со неа во текот на учебната година. На оваа работилница тие ги презентираат своите решенија со донираната опрема од тековната учебна година и прават размена на искуства меѓусебе. Всушност, учат едни од други преку практични вежби. Во текот на работилницата, учениците и менторите добиваат нови идеи и знаења, прават спецификации за потребната опрема за следната година која ќе им ја донираме и создаваат уште покреативни решенија“, вели Крстевски.

Практичниот дел од овогодинешниот натпревар од областа на електрониката се реализираше во новоотворената лабораторија на производство на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ ФАБЛАБ.

Многу сме среќни што конечно нашата новоотворена лабораторија ФЕИТ ФАБЛАБ ги овозможи највисоките стандарди за реализација на натпреварот со користење на професионални инструменти и програмабилни системи. Лабораторијата за производство ФЕИТ ФАБЛАБ на дело ја демонстрираше својата основна намена, а тоа е да да служи како креативен и инспиративен простор за младите иноватори, техничари, хобисти, сегашни и идни инженери“, во име на ФЕИТ ФАБЛАБ се обрати Живко Кокалански, професор на ФЕИТ

Во натпреварот учествуваа сите 11-училишта организирани во тимови по двајца ученици на тема дефинирана од ФЕИТ со користење на донираната опрема од Логинг Електроникс. Добитниците на првите три места од натпреварот добија награди со опрема од Развојни Микропроцесорски Системи и ваучер за платена тримесечна пракса од Логинг Електроникс, а од ФЕИТ шест стипендии од институтот за Електроника доколку се запишат на насоката Компјутерско хардверско инженерство и електроника.

Првите три места на натпреварот за „Развојни Микропроцесорски Системи“ ги освоија:
• Прво место: СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, ученици Христијан Николовски и Петар Божиновски.
• Второ место: СОСУ „Илинден“ – Илинден, ученици Михаил Кузманоски и Марко Петрушевски.
• Трето место: СОУ „Ристе Ристески Ричко“– Прилеп, ученици Христијан Глигуроски и Андреј Недески.

Покрај наградите за првите 3 места на натпреварот, се додели и награда за најдобра презентација на опрема донирана од Логинг Електроникс, на СЕТУ „Михајло Пупин“ – Скопје.

Најважно е децата да видат дека се може да направат сами, да стекнат сигурност во себе и да размислуваат за сопствени бизниси во Македонија“, вели Крстевски.

Клучни зборови: