Вид, допир, вкус, мирис, слух и... тоа е тоа, нели? Па, не баш. Покрај овие основни пет сетила секој од нас поседува и шесто сетило кое ни овозможува да го согледаме нашето тело – проприоцепција.
Проприоцепција или кинестезија претставува способност да се чувствува сопственото тело во просторот благодарение на што, на пример, можеме да го допреме врвот од нашиот нос дури и во темница, затоа што совршено знаеме каде ни е раката и каде ни е носот на лицето.
Проприоцептивниот систем нема очи или уши, но многу различни рецептори расфрлани низ телото собираат информации и овозможуваат да разбереме, дури и со затворени очи, каде сме и во каква положба се наоѓаме. На пример, информациите обезбедени од вестибуларниот систем, во внатрешнотo уво – преку трите полукружни канали ориентирани во три насоки и отолитите, ковчиња што се движат слободно – овозможуваат да разбереме каде се наоѓаме во просторот, да можеме да процениме дали одиме напред или назад, нагоре или надолу , дали се вртиме или забрзуваме. На овој начин можеме секогаш ја одржуваме контролата и рамнотежата на телото.
Проприоцепциски рецептори
Сепак, за ова шесто сетило не сме свесни бидејќи мозокот постојано ги елиминира присутните сензорни дразби од свеста за да може да се справи со други работи. Имено, ако би биле постојано на штрек за перцепцијата на облеката, притисокот на подот под нашите стапала или за аголот на лактот, не ќе можевме да се фокусираме на изведувањето покомплицирани задачи, како возењето автомобил, пишувањето, итн.
Проприоцепцијата, како и видот, слухот и другите сетила, може да има некои дефекти и да не функционира најдобро. Оваа дисфункција може да биде привремена кај лица кои се под терапии со цитотоксични супстанции, каква што е хемотерапијата, на пример, или во моменти на брз раст на организмот, на пример во адолесценција. На неа исто така влијаат и слабеењето со липосукција или брзата акумулација на мускули кај боди-билдерите, но способноста да се чувствува телото може да се промени и по мускулна или лигаментна траума. Добра вест е што проприоцепцијата во овие случаи може да се обнови – физиотерапијата за рехабилитација обезбедува вежби за проприоцепција.
Но, сетилата не завршуваат тука, постои уште едно подеднакво важно и занемарено сетило – интероцепција, односно сетилото кое нè предупредува за состојбите на организмот одвнатре и кое оди рака под рака со проприоцепцијата овозможувајќи ни да го согледаме телото во неговата целина. Интероцепцијата собира секакви податоци за органите, за циркулацијата на крвта и слично, давајќи ни информации за нив во моментите кога тоа е неопходно – така чувствуваме глад, жед, болка, потреба од одење во тоалет, или ако осетиме некоја аномалија како што е случајот при нарушување на ритамот на дишење или во отчукувањето на срцето.
Интероцепцијата е вклучена во многу различни физиолошки системи како што се кардиореспираторниот систем, гастроинтестиналниот систем, ноцицептивниот систем, ендокриниот и имунолошкиот систем.
Како и да е, без скриените сетила повеќе би наликувале на амеба отколку на човечко суштество.