Рубрика: Екологија
Рециклирањето пластика може да ги влоши работите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 09.05.2023 - 15:30

Тим од инженери за животна средина од Универзитетот Стратклајд во Шкотска и Универзитетот Далхаузи во Халифакс, Канада, откриле дека техниките за рециклирање на пластика може ненамерно да доведат до зголемен обем на микропластика во животната околината. Во нивната студија, објавена деновиве во Journal of Hazardous Materials Advances, групата ја тестирала водата што се користи за чистење на пластиката во фабрика за рециклирање.

Гледано од повеќе аспекти, напорите за рециклирање на пластиката се покажаа како голем неуспех. Претходните истражувања покажаа дека само 9% од пластиката ширум светот се рециклира, во САД овој процент паѓа на 5%, кај нас... да не ни спомнуваме. И покрај тоа што милиони луѓе ширум светот совесно ги одвојуваат своите пластични шишиња, повеќето од нив на крајот  завршуваат на депониите. А сега, се чини дека и самиот процес на рециклирање можеби ги влошува работите. За потребите на нивното истражување, научниот тим доби дозвола за тестирање на една фабрика за рециклирање пластика со цел да се утврди дали на крајот таа испушта ‘пластично’ загадување.

Проблемот како што забележуваат истражувачите, почнува оттаму што за да може пластиката да се рециклира, таа прво мора да се исчисти. Ова се прави со неколкукратно миење во вода. Остатокот од процесот вклучува дробење и топење на пластиката со цел да се создадат пелети. Претходните истражувања укажаа дека миењето може да резултира со ослободување на микропластика во водата. Новото истражување утврди дека пластиката се мие четири пати. Секој од водените извори бил тестиран за да се открие колку пластика, во форма на честички со микронска големина, останала во водата.

Истражувачкиот тим открил микропластика во сите четири извори. Тие забележале и дека најголемиот дел од водата се упатува кон канализационите системи или се испушта директно во животната средина, што е случај кај повеќето постројки за рециклирање. Откако ги собрале сите честички што ги забележаа, тимот проценил дека објектот може да испушта нешто повеќе од 3 милиони килограми микропластика во околината секоја година.

Но, во приказната има нешто што дополнително загрижува. Истражувачите откриле дека фабриката што каде ги спровеле истражувањата има инсталирано систем за филтрирање, кој го намалил бројот на честички за приближно 50%. Но, внимавајте,  истражувачите тестирале присуство пластика чиишто честички биле поголеми од 1,6 микрони. Пластичните честички можат да бидат многу помали од тоа. Претходните истражувања покажаа дека некои од нив може да бидат доволно мали за да влезат во поединечни клетки во тело на животно.

Повеќе за заканата од микропластика во животната средина може да дознаето во написот Микропластиката е насекаде, но дали е штетна? (Емитер 1-6/2021)

Клучни зборови: