Во време кога политичките напирања се во однос на македонскиот јазик, дали е признаен или не или пак дали е заштитен или не, како и усвоениот нов Закон за употреба на македонскиот јазик од страна на Владата и проследен до Собранието, Институтот за развој на електронските комуникации – ИНРЕКОМ, спроведе анализа на состојбата со странските ТВ канали и платформи кои нудат видеа на барање, како и истражување на перцепциите на корисниците, со цел да се види дали и колку македонскиот јазик е доволно застапен на странските телевизиски канали и платформи за да биде заштитен.
Иако во светски рамки, класичната телевизија изумира и сѐ повеќе се посегнува кон услугата „видео на барање“, во Република Македонија постојат над 30 оператори на јавни електронски комуникациски мрежи (оператори) кои имаат дозвола да реемитуваат над 300 странски телевизиски канали кои имаат обезбедено права на нашата територија. Нашата регулатива во однос на правото на реемитување е регулирана првенствено со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ), каде што е и пропишано дека странските канали доколку се титлувани, тоа мора да биде на македонски јазик или пак на јазикот што го говорат најмалку 20% во државата.
Од претходно обработените податоци, произлегува дека македонскиот јазик е највеќе застапен на филмските, потоа на документарните и на забавно-колажните канали. Македонскиот јазик е достапен и кај само два детски канали, додека пак истиот воопшто не може да се слушне на спортските или информативни канали. Со ова, македонските гледачи имаат ускратено право да го уживаат својот мајчин јазик кај одредени ТВ канали снаоѓајќи се со алтернативни преводи кои им се разбирливи, најчесто на српски или хрватски јазик, нешто што не претставува заштита и негување на македонскиот јазик.
Најчесто оправдување од страна на каналите е фактот што Република Македонија е пазар со околу 1 милион и 800 илјади жители според последниот попис од 2021 година и нешто над 2 милиони гледачи што го говорат македонскиот јазик на територија на Балканот, претежно во поранешните југословенски земји. Поради овие параметри, оправданието лежи во наводната неисплатливост за превод односно локализација, иако бројките се речиси идентични со Словенија и словенечкиот јазик. Оправдание се бара и во фактот што сите екс-ЈУ републики го разбираат српскиот јазик и полесно е да се преведат каналите на еден отколку на повеќе јазици.
Се наметнува прашањето, дали доколку Југославија постоеше и денес, а во која беа официјални три јазици: српско-хрватски, македонски и словенечки, каналите ќе мораше да се преведени и на македонски, освен на српско, хрватски и словенечки?!
Најголем проблем, сепак претставуваат спортските канали, кои и покрај тоа што купуваат права за спортски настани и не дозволуваат на македонските ТВ куќи да обезбедат преноси поради своите финансиски конструкции, не нудат можност за македонско аудио. Ваквото прашање се најде и на Владина седница, но препораката од страна на македонската Влада, за жал не вроди со плод и не ја виде светлината на денот, со што спортските канали, не проговорија на македонски јазик.
Од друга страна, каналите за деца, не ги синхронизираат своите програми, па така, децата во првите години од својот живот, учат да зборуваат на српски или хрватски јазик или на изворниот јазик на каналот - најчесто англиски, но не и на македонски. Исто како и во другите случаи, ова претставува потфрлање во должноста на властите да го зачуваат македонскиот литературен јазик во време кога истиот од една страна е негиран, а од друга страна е под постојан напад на странски изрази што младата популација ги употребува.
За прашањето со локализирањето односно преводот на странските канали, потребно е: Министерството за култура во соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Министерството за информатичко општество и администрација пред сѐ, но и со универзитетска фела преку Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и другите катедри за македонски јазик и книжевност да изнајдат механизми за решавање на ова прашање преку Законска рамка.
Меѓу другото, останува и дилемата дали законската одредба со која на каналите им се наложува локализација само на македонски и на албански јазик, е дискриминаторска кон правото другите етнички малцинства да имаат можност да следат локализација на мајчин 27 јазик – било тоа српски, хрватски, бошњачки, турски итн, апропо претставувањето на Македонија како мултиеничка држава и на другите делови од народи.
Целта на ова истражување е да се соберат податоци во однос на странските телевизии кои се реемитуваат во Македонија и колку од нив имаат обезбедено превод на македонски јазик. Собраните податоци и анализата на мислењата од граѓаните има за цел да ги насочи засегнатите страни да изнајдат решенија и механизми со цел промоција, унапредување и заштита на македонскиот јазик во медиумскиот свет.
Целиот извештај можете да го прочитате тука