Вчера во МАНУ беше промовиран зборникот научни трудови “150 години од раѓањето на Гоце Делчев” со најновите сознанија за ликот, делото и споменот на еден од најголемите македонски синови кои оставиле длабок белег во македонската историја – Гоце Делчев. Зборникот дава преглед на научните трудови од истоимената научна конференција одржана на 3 и 4 мај 2022 година. Промоцијата на печатеното издание на зборникот ја заокружува годината посветена на Гоце, како што беше прогласена изминатата 2022 година во која се навршија 150 години од неговото раѓање, а се случува на денот кога изминуваат точно 120 години од неговата погибија во село Баница.
Во неговата пригодна реч на презентацијата на зборникот, претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев ќе нѐ потсети уште еднаш на зборовите “Секој добар мајстор има право на џиџе, дури и во злодоба, кога лошотијата ги надвишила Кајмакчалан со Ниџе.” Сосема соодветно во контекст на современите состојби, кога се копа во темелите на македонскиот народ и држава. Имајќи предвид дека ниту еден човек не е изолиран од времето во кое работи, делува и живее, овој Зборник на трудови треба да го гледаме и низ призмата на времето во кое живееме, а за коешто Коцарев ќе каже: “Темни облаци надвиснале над Македонија и само Илија громовникот може да ги растера”, и ќе додаде дека молњите, громовите и бурите на Илија Громовник “денес, според мое мислење, треба да ја претставуваат науката, затоа што според зборовите на Мустафа Кемал Ататурк ‘науката претставува вистински водич на цивилизацијата, животот и успехот во светот. Да се бара друг водич освен науката е апсурд, незнаење и ерес.’ Творештвото, научното и уметничкото, подразбира уривање на воспоставениот систем на вредности – естетски, морални, политички – воспоставување така и на поеднаква за сите стварност. На Македонија денес науката и е потребна од кога било.”
Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев ја имаше воведната реч
За на крај во говорот да подвлече: “Во морето на неукост и ароганција, дивеење и лошотија за што сме сведоци катадневно, имаме една убава книга Зборникот „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ па затоа би сакал да изразам голема благодарност на проф. Катарина Тодоровска, претседател на Уредувачкиот одбор без чија упорност, укост и искреност ниту настанот во чест на јубилејот 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, што се одржа минатата година, ниту овој Зборник ќе видеа бел ден.”
Како што тоа го подвлече проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот на национална историја ангажманот на Гоце Делчев остава белег на многу полиња од нашето денешно живеење и е трајно вграден во колективната меморија на македонскиот народ. Зборникот е резултат на заедничките напори на сите оние кои сметаа и сметаат дека делото на Гоце треба да се почитува и активно да живее меѓу Македонците.
“Денес кога се навршуваат 120 години од погубијата на Гоце Делчев, ние говориме и за 150-годишнината од неговото раѓање, што ја чествувавме минатата година. Ние, како горди потомци на Гоце, на најдостоинствен начин му се оддолжуваме за жртвата што ја дал за нас и за нашата слобода, за нашата македонска држава. На тој начин, се редиме во редот на сите оние кои со децении го истражувале, пишувале и ги овековечувале ликот и делото на Делчев”, рече Тодоровска.
Проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот на национална историја го претстави печатеното издание на зборникот
“Зборникот изобилува не само со новооткриени факти, туку во него се застапени и трудови во кои се применуваат и нови единствени пристапи бидејќи се задржуваат на досега неразработени теми. За ова говори и фактот што во него се застапени трудови на историчари, јазичари, музеолози, политиколози, практичари од образовниот систем. На пример, тезите дека Гоце припаѓал на бугарската историја се коси со вистината, кога темелно ќе се осознае голготата и желбата на неговите соборници, неговите мошти да почиваат во главниот град на македонската држава. Бројни се аргументите кои во овој зборник ќе ја покажат бесцелноста на одработувачите на туѓите интереси, да му се откорнат корените на Гоце Делчев од Егејска Македонија”, истакна Тодоровска.
Доза ведрина на свечениот чин воведоа презентациите креациите на учениците кои победија на ликовниот и литературниот конкурс организиран по повод 150 годиншнината од раѓањето на Гоце Делчев
На сево ова како мој коментар само би го додала следново. Кога како дете учев за великосрпските, великобугарските, грчките и какви уште не пропаганди насторени кон ништењето на самосвеста на македонскиот народ како посебен ентитет на Балканот, на ова парче од Европа, сите тие зборови звучеа надреално, нестварно. Впрочем, како може некој за мене да каже кој сум а кој не сум. Но, во овој сулуд свет се чини дека некој си зема право дека може. Се чини дека тмурните облаци над ова парче земја само на момент го пропуштија сонцето да го осветли овој напатен народ, жеден сам да управува и одлучува за својата судбина, за повторно да се трупаат и трупаат над нас. Гореспоменатите пропаганди, денес потпомогнати и од петоколонашите на врвни позиции, никогаш посилно не работеле за наше разнебитување, веќе и бесрамно отворени, уценувачки и максимално апсурдни. Апсурдни, бидејќи човекот великан Делчев точно знаел кој е и што е, но со сила сакаат да го одродат од сопствениот народ. Затоа, излегувањето од печат на овој зборник, во кој се објавени изворни трудови низ коишто се пренесуваат истражувањата од голем број сегменти од неговиот живот и револуционерна работа, е мошне битен настан за секого од нас тука во Македонија, во соседството, но и каде да сме расеани низ светот. Знак, дека наспроти сите потешкотии и препреки, сѐ уште меѓу нас има доволно борци, кои во својата област, на виделина ги изнесуваат научните вистини и факти за автохтоноста и посебноста на овој народ, во надеж дека кога-тогаш ќе замолкнат нестручните, лажните “пророци”, бидејќи пред фактите и боговите молчат.