Рубрика: Историја и археологија
Хомо еректус бил вистински сештојад-опортунист
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.04.2023 - 14:00

Череп на хомо еректус од локалитетот Сангиран, на островот Јава, Индонезија.

Анализата на концентрацијата на одредени хемиски елементи во забната глеѓ овозможи прецизно да се одреди исхраната на овој претставник од родот Хомо за време на Плеистоценот во Индонезија.

Откако Густав фон Кенигсвалд (1902-1982) ги откри спектакуларните остатоци од Хомо еректус во куполата Сангиран на островот Јава, ова место стана општепознато. Група истражувачи од Универзитетот Париз Сите и од Институтот Сенкенберг во Франкфурт, ги споредиле прехранбените навики на сангрианскиот Х. еректус со оние на другите цицачи од островот Јава во време на Плеистоценот, а особено со оние на еден друг хоминид – орангутанот.

Истражувачите го мереле односот стронциум/калциум (Sr/Ca) и бариум/калциум (Ba/Ca) во забната глеѓ, чиишто варијации забележани за време на растот ги одразуваат прехранбените навики со точност помала од една недела. Кај орангутанот тие откриваат сезонски циклуси од околу три месеци, бележани со високи врвови во односот Sr/Ca, што ја одразува контрастната разлика во консумацијата на растителна храна во периодот на монсуните и во сушната сезона.

Во времето на Плеистоценот, хомо еректус веројатно шетал низ савана налик на оваа од островот Јава.

За разлика од тоа кај H. erectus интрагодишните варијации на односот Sr/Ca се помалку нагласени отколку кај орангутанот. Понатаму, односот на стабилните јаглеродни изотопи (13C/12C) укажува на алтернација помеѓу растителна исхрана од типот C4, којашто обезбедува повеќе енергија, бидејќи подобро ја искористува фотосинтезата и е типична за сезоната на монсуните, и мешавина од C4 растенија и растенија от типот C3, кои обезбедуваат помалку енергија, бидејќи помалку ефикасно ја искористуваат фотосинтезата и се поцврсти, а се типични за сушната сезона.

Понатаму, иако степенот на месојадност вообичаено се покаќува со анализи на стабилните изотопи на азот, односот Sr/Ca е подеднакво добар показател за положбата на животното во синџирот на исхрана. Сепак, прилично ниските вредности на овој сооднос кај Х. еректусите се споредливи со оние на мачките (кои се месојади) и со оние на свињите (кои се сештојади), додека чистите тревојади, како што се еленот и носорогот, се карактеризираат со многу повисоки вредности на Sr/Ca, споредливи со оние на орангутан.

Сите овие набљудувања укажуваат на тоа дека H. erectus уживал сештојадна исхрана, која вклучувала не само овошје, семиња и корени, туку и месо и воден плен. Тенденција кон опортунистичка сештојадна исхрана која била карактеристична за сите човечки видови во време на Плеистоценот, во периодот од пред 2,58 милиони години до пред 11 700 години, односно практично во текот на целиот период на еволуцијата на родот Хомо.

Клучни зборови:
Череп на хомо еректус од локалитетот Сангиран, на островот Јава, Индонезија.

Череп на хомо еректус од локалитетот Сангиран, на островот Јава, Индонезија.

Во времето на Плеистоценот, хомо еректус веројатно шетал низ савана налик на оваа од островот Јава.

Во времето на Плеистоценот, хомо еректус веројатно шетал низ савана налик на оваа од островот Јава.